Нов напад врз „флотата во сенка“ на Путин: Речиси 600 танкери на листата на санкции од ЕУ

Откако Русија започна војна против Украина во февруари 2022 година, ЕУ значително ги прошири санкциите против Москва за економски да ја ослаби

Европските лидери воведоа санкции за уште 41 брод кои се дел од „флотата во сенка“ на Русија – танкери за нафта за кои се верува дека ѝ помагаат на Русија со енергија додека војната во Украина продолжува.

Овие 41 танкери се додадени на листата на бродови кои подлежат на забрана за пристап до пристаништата, како и забрана за обезбедување широк спектар на услуги поврзани со поморскиот транспорт.

Мерката има за цел да ги таргетира танкерите кои не се од ЕУ, но се дел од „флотата во сенка“ на Путин која ги заобиколува санкциите, т.е. механизмот за ограничување на цените на нафтата, или го поддржува енергетскиот сектор на Русија. Ова важи и за бродовите одговорни за транспорт на воена опрема во Русија или транспорт на „украдено украинско жито и културни добра од Украина“.

Денешната одлука, со која вкупниот број на санкционирани бродови се искачи на речиси 600, е тесно поврзана со неодамнешните одлуки на ЕУ да наведе девет актери кои овозможуваат работа на флотата во сенка.

„ЕУ продолжува да го зголемува притисокот врз Русија и нејзините флоти во сенка, вклучително и усвојување дополнителни санкции“, се вели во соопштението.

Откако Русија започна војна против Украина во февруари 2022 година, ЕУ значително ги прошири санкциите против Москва со цел сериозно да ја ослаби економски.

„Додека нелегалните активности на Руската Федерација продолжуваат да ги кршат основните правила на меѓународното право, вклучително и забраната за употреба на сила утврдена со член 2(4) од Повелбата на Обединетите нации, како и меѓународното хуманитарно право, соодветно е да се задржат во сила сите мерки воведени од ЕУ и, доколку е потребно, да се преземат дополнителни чекори“, се заклучува во соопштението.

Зачлени се на нашиот е-билтен