Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Празник на книгата во „Антолог“ со нови изданија од три македонски и три странски автори

В петок (15 декември) од 16 до 20 часот ќе се случи одбележување на новиот празник на книгата во Скопје

Издавачката куќа „Антолог“ во рамките на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“ ќе објави шест нови книги – три од македонски и три од странски автори, кои етапно ќе бидат разоткривани секој ден во текот на оваа недела – ќе организира средби со десеттина македонски писатели, ќе ја започне својата новогодишна акција и ќе приреди голема предновогодишна забава отворена за публиката.

– Време е да се препуштиме на магијата на најубавиот период од годината – новогодишните празнувања, затоа сите вљубеници во книгата ги покануваме во нивното најдраго празнично засолниште – книжарницата „Антолог“ во Центар, која ќе биде исполнета со прегратките на книгите, слатките мелодии на музиката, удобноста на топлите пијалаци и со необичните закуски. Настанот на 15-ти декември ќе биде совршена можност за дружба со другите пасионирани читатели, а воедно и со најактуелните домашни автори кои во оваа пригода, меѓу другото, ќе ги потпишуваат и своите нови книги. Сè на сè, на најпосебен начин ќе ги заскокоткаме очекувањата на публиката. Ги покануваме сите наши читатели да ни се придружат во наздравувањето за спомените направени оваа година и приказните што допрва треба да се расплетат – велат од „Антолог“.

Првата книга што е најавена во оваа прилика е меѓународната сензација „Смола“ од данската писателка Ане Рил. Станува збор за роман кој„Гардијан“, „Телеграф“ и „Дејли експрес“ едногласно го прогласија за една од најдобрите книги во 2018 година, добивајќи ги четирите најважни награди во крими-жанрот во Скандинавија и доживувајќи светска препознатливост. Досега е преведена во 31 земја, а во 2019 година е адаптирана во филм.

Една вечер таткото ќе го турне нивниот чамец кон брановите и ќе гледа како се распарчува од карпите. Потоа ќе ја пријави својата ќерка како исчезната. Службената потера трае долго и безуспешно. Но, зад шутот пред работилницата на нејзиниот татко се крие Лив. Живее сама во мракот, треперејќи пред секој неочекуван шум. Татко ѝ тврди дека на ваков начин нема да мора да оди на училиште. Нема да мора да ги напушти родителите и да се соочи со светот кој е полн со опасности и лоши луѓе.

Неизмерно трогателната и напната приказна прикажува што се случува кога некого премногу сакате, а желбата да го заштитите се претвора во нешто што таа личност неповратно ќе ја повреди.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.

Ане Рил (1971) е данска писателка. Студирала историја на уметност, авторка е на четири романи, збирка раскази, како и на девет книги за деца кои ги има илустрирано нејзината мајка, која е позната илустраторка. Екстремна популарност стекнува со нејзиниот втор роман, „Смола“. Често ја опишуваат како нов, возбудлив глас со освежувачки и оригинален стил. Живее со сопругот, џез-музичарот Алекс Рил, во близината на Копенхаген.

Преводот е на Искра Бадева (Скопје, 1980 година), вљубеник во културата и литературата на Северот, која ги има завршено студиите по скандинавистика на Софискиот универзитет во 2007 година. Интензивно работи на преводи на романи и детска литература од норвешки, шведски, дански и фински јазик. Добитник е на наградата „Златно перо“ за 2011 година која ја доделува Здружението на литературни преведувачи на Македонија. Има преведено повеќе од педесет дела на актуелни скандинавски автори, меѓу кои се Сара Омар, Мерта Тиканен, Ерленд Лу, Туве Јансон, Пер Петешон, Марија Пар, Ју Несбе, Маури Кунас, Лиса Аисато, Геир Гуликсен, Катри Липсон, Томас Енгер, Ида Хојер, Рој Јакобсен и други, како и избор драми од Хенрик Ибзен.

Зачлени се на нашиот е-билтен