Нов сој на корона во Германија: не е опасен, но предизвикува непријатен симптом

Со доаѓањето на есента, низ Европа повторно кружат нови варијанти на вирусот што го предизвикува COVID-19, а во Германија моментално доминира сојот XFG. Во медиумите тој брзо го доби прекарот „Франкенштајн“, поради поврзаноста со непријатниот симптом на силна болка во грлото, покрај другите типични знаци на болеста, пишува Euronews.

Зошто „Франкенштајн“?

Прекарот не е случаен. Како и чудовиштето од познатиот роман, составено од различни делови, така и варијантата XFG е рекомбинантна – мешавина од две постоечки подлини на вирусот: LF.7 и LP.8.1.2.
Вирусите природно се менуваат и мутираат со текот на времето, а изразот „Франкенштајн“ за ваквите рекомбинантни соеви првпат се појави по појавата на Омикрон во Јужна Африка кон крајот на 2021 година.

Колку е распространет и дали има причина за загриженост?

Варијантата XFG, позната и под името „Стратус“, е сè пораширена во Германија и во други европски земји од средината на 2025 година.
Иако бројот на заразени случаи во Европа порасна во последните месеци, најновите податоци од ECDC покажуваат дека трендот сега се стабилизира во поголемиот дел од земјите.

Светската здравствена организација (СЗО) и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) го класифицираа XFG како „варијанта под набљудување“, што значи дека научниците ја следат, но засега не ја сметаат за закана.
Во согласност со тоа, и Институтот Роберт Кох (RKI) во Германија моментно го оценува ризикот од овој сој како низок.

Симптоми

Иако во медиумите често се споменува „чувство на жилета во грлото“ како специфичен симптом, нема јасни докази дека тој почесто се јавува кај зараза со варијантата XFG.

Стручњаците предупредуваат дека силната болка во грлото и промукналост не се специфични за одредени соеви на корона вирусот и можат да се јават и кај други респираторни инфекции, како грипот. Токму поради тоа, практично е невозможно само врз основа на симптомите сигурно да се разликува COVID-19 од другите респираторни болести.

Зачлени се на нашиот е-билтен