Студентката Мила Стојановска, како дел од Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“ при Македонското еколошко друштво, спроведе истражување за распространетоста и еколошките услови на растението Pterocephalus perennis на планината Јабланица. Истражувањето е дел од поширок меѓународен проект за проучување на балканската флора, со цел да се утврдат ретките и ендемски видови и нивната екологија.
Станува збор за балкански субмедитерански ендемит со ограничена распространетост, кој првпат беше евидентиран во Македонија во 2024 година. Врз основа на параметри како надморска височина, наклон, експозиција и геолошка подлога, беа идентификувани 18 потенцијални локалитети за растење на видот.
Сепак, теренските истражувања покажаа дека P. perennis е присутен единствено на локалитетот Бели Брег на Јабланица. Ова претставува најсеверната точка од ареалот на растението и се разликува од локалитетите во Албанија и Грција, каде што се јавува претежно во крајбрежни предели.
Анализите на почвите од Бели Брег покажаа дека растението живее на високо карбонатни почви со карпеста подлога. И покрај тоа што многу потенцијални локалитети имаат слични карактеристики, присуството на видот е ограничено, што укажува на влијание на дополнителни еколошко-станишни фактори. Морфометриските мерења потврдија дека единките од Македонија морфолошки се идентични со тие во Грција и Албанија.
Распространетоста на популацијата беше проценета со линиски трансекти и дронски фотографии. Според овие проценки, се претпоставува дека P. perennis може да се смета за загрозен вид според категоризацијата на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN), иако се уште недостасуваат дополнителни податоци за конечна категоризација.
Истражувањето беше спроведено со поддршка на Лабораторијата за екологија на растенија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, Мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ – Вевчани и Планинарскиот клуб „Дипсакус“ – Вевчани.