Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нов возен парк британска донација за албанските затвори

 Возен парк од модерни возила за албанските затвори денеска донираше британската влада.

Станува збор за 15 електрични автомобили и 22 комбиња, вредни 1,5 милиони фунти, беа предадени на Управата на затворите. Возилата ќе се користат за превоз на вработените во затворот, како и превоз на затвореници.

Британскиот амбасадор во оваа земја, Аластер Кинг-Смит, кој присуствуваше на церемонијата, меѓу другото оцени дека „сега Албанија е нашиот најдобар меѓународен партнер“.

-Велика Британија ја поддржува Албанија во реформирањето и модернизирањето на затворскиот систем. Соработката вклучува и размена на кадар. Сега, Албанија е нашиот најдобар меѓународен партнер, рече британски амбасадор.

Вицепремиерката Белинда Балуку се заблагодари за донацијата, која „придонесува во подобрување на инфраструктурата во затворите“ и најави зголемување на платите следната година за над 6 илјади вработени во нив.

Со овие возила ќе бидат транспортирани од аеродромот во Тирана до затворите, затвореници-Албанци кои по договорот со Британија, ќе бидат депортирани во нивната земја за доиздржување на казната.

Врз основа на договорот, од затворите во Англија и Велс, каде има околу две илјади затвореници албански државјани, во албанските затвори, ќе бидат депортирани 200 од нив, осудени за тешки кривични дела, вклучувајќи убиства, разбојништва, силувања, шверц со дрога, кои се на возраст од 24 до 49 години и се осудени по најмалку 30 години затвор.

Како што деновиве објави британски „Индипендент“, договорот се очекува да го чини Министерството за правда околу 8 милиони фунти. Официјалните лица за весникот тврдат дека ова претставува заштеда на трошоците, укажувајќи на фактот дека 40 илјади фунти годишно чини сместување на секој затвореник во Британија.

Извор МИА

Најново