Бројот на загинати од циклонот Габриел во Нов Зеланд денеска се искачи на 11, а неколку илјади луѓе сè уште се водат како исчезнати, откако невремето го погоди Северниот остров во земјата.
Циклонот го погоди најсеверниот регион на Нов Зеланд на 12 февруари и се спушти долж источниот брег, предизвикувајќи голема штета. Премиерот Крис Хипкинс ја нарече Габриел најголемата природна катастрофа на Нов Зеланд овој век.
Полицијата денеска соопшти дека е потврдена смртта на уште две лица во тешко погодениот залив Хок.
Хипкинс изјави дека е можно да има повеќе жртви бидејќи 6.431 лице се водат за исчезнати, додека 3.216 се пријавени како безбедни.
Нарушен е синџирот на снабдување, што предизвика проблеми во испораката на стоки. Уништени се бројни посеви, а 28.000 домови сè уште се без струја. (МИА)