Нова цивилизација постара од пирамидите е пронајдена во Америка

Под мирната површина на езерото Мендота, во американската сојузна држава Висконсин, археолозите мапираа необичен „подводен паркинг“ од кануа – вкупно 16 древни пловила што домородни заедници ги оставале на едно исто место со милениуми. Најстарото од нив, според радиојаглеродно датирање, е старо околу 5.200 години – постаро и од Големата пирамида во Гиза – а најновото е старо околу 700 години.

Откритието го води тим на Wisconsin Historical Society, во партнерство со Универзитетот во Висконсин–Медисон и претставници на домородните нации во регионот. Приказната почнува во 2021 година, кога бил пронајден и извлечен 1.200 години стар чамец, а во 2022 и втор – стар околу 3.000 години. Потоа следувале нови локации и нови наоди, сè додека не се оформил јасен образец: кануата не се случајно расфрлани, туку се групирани во две јадра долж поранешна крајбрежна линија.

Државната поморска археологинка Тамара Томсен, која го предводи проектот, ја опишува логиката на местото како повторлива рута, а не како случајна „гробница“ на стари дрва. „Тоа е паркинг-место што се користело со милениуми, одново и одново“, изјави таа. Истражувачите проценуваат дека локацијата била дел од поголема мрежа на патеки и водни коридори, каде кануата можеле да бидат оставани за заедничка употреба – како древна верзија на денешните „споделени“ превозни средства.

Паралелно со датирањето, тимот влегува и во технолошки детали што ја рушат претпоставката дека станува збор за „едноставни“ пловила. Половина од кануата, според анализа на дрвото, се изработени од црвен или бел даб – избор што е невообичаен, особено за црвениот даб, кој природно полесно впива вода. Токму тука се раѓа една од најинтересните работни теории: дека градителите намерно избирале дрва со одредени својства, па дури и ги „подготвувале“ дрвјата за да станат поотпорни на вода. „Не можеме да се вратиме во времето по одговори, но можеме да ги испитаме податоците… и да формираме теории“, вели Томсен.

Проектот, сепак, не е само археолошки „wow“ момент за насловите од типот „цивилизација постара од пирамидите“. Тој е и корекција на перспектива: доказ дека Големите Езера биле простор на организиран живот, знаење и мобилност илјадници години пред модерните градови и патишта. И уште поважно – дека таа историја не е „исчезната“, туку буквално лежи под наслагите кал, во живи траги што денес повторно се читаат, во соработка со заедниците чии предци ги создале.

Зачлени се на нашиот е-билтен