Во Битола повторно е пријавена измама со веќе познато сценарио, во кое сторител се претставува како лекар и бара итни пари за наводна операција на близок член од семејството. Овојпат жртва е 84-годишна битолчанка, која останала без 9.600 евра.
Според информациите што ги објави СВР Битола, жената вчера во 16 часот пријавила дека претходно добила телефонски повик од лице кое се претставило како лекар. Во разговорот ѝ било кажано дека нејзината ќерка има скршеници и дека е потребна итна операција, за која веднаш треба да се плати.
Под притисок и страв, битолчанката ги дала парите на лице кое дошло пред нејзината зграда. Дури подоцна, кога се слушнала со ќерката, сфатила дека станува збор за измама.
Случајот не е изолиран. Само еден ден претходно, 83-годишен битолчанец пријавил дека бил измамен за 10.000 евра, исто така од лажен лекар. И во тој случај измамникот тврдел дека негова внука паднала по скали и дека ѝ е потребна итна операција.
Од СВР Битола посочуваат дека и во двата случаи измамата се одвива по ист шаблон: телефонски повик со драматична приказна, барање итни пари, преземање на готовина пред домот на жртвата, а вистината се дознава дури откако семејството ќе се слушне меѓусебно. Полицијата соопшти дека презема мерки за откривање на сторителите и расчистување на овие и претходните случаи со лажни лекари.
Овој нов случај е уште едно предупредување дека измамниците најчесто играат на страв, паника и доверба, особено кај повозрасни лица. Затоа, пред да се дадат пари, неопходна е директна проверка со членот на семејството за кого наводно станува збор.