Новата Стратегија за национална безбедност на САД, потпишана од претседателот Доналд Трамп, открива јасно пренасочување на приоритетите кон строго дефинирани американски интереси – од безбедноста и економијата, до борбата против картелите и миграциите. Во овој документ Западен Балкан е споменат само во неколку реченици, главно низ призмата на односите Србија–Косово, што аналитичарите го толкуваат како значајно намалување на американскиот директен ангажман во регионот.
Професорката Дидијана Гупта од Атлантскиот совет на БиХ за DW истакнува дека стратегијата испраќа клучна порака: „Америка мора да биде на прво место“. Според неа, САД ќе го задржат приматот во решавањето на големите жаришта како Украина и Блискиот Исток, но тоа не значи дека партнерството со Европа е доведено во прашање.
Војниот аналитичар Хамза Вишќа додава дека американската политика кон регионот сè повеќе ќе зависи од економските интереси. „Каде што има потенцијал за американски капитал, ќе има и интерес за стабилизација“, вели тој, наведувајќи примери како гасната интерконекција и можната соработка во наменската индустрија.
Експертите предупредуваат дека ваквиот пристап остава простор за посилен продор на други актери – Турција, Русија и Кина – особено во држави со слаб политички консензус и бавна европска интеграција. Одлуката на САД да го успори процесот на проширување на НАТО, според нив, дополнително го отвора тој простор.
Истовремено, безбедносните експерти нагласуваат дека Америка нема да се повлече од БиХ, особено поради значењето на Дејтонскиот договор и мисијата ЕУФОР Алтеа. Но очекувањата се јасни: помалку потпирање на надворешна помош, а повеќе внатрешна одговорност и продлабочена соработка со Вашингтон и Брисел.
Заклучокот на аналитичарите е едноставен – американското присуство ќе остане таму каде што има стабилни институционални партнери и јасна економска логика. За регионот тоа значи помалку внимание, но поголема потреба од сопствена политичка зрелост.