По завршената интензивна дводневна обука, 352 лица се подготвени да стапат во служба како дел од владината пилот-мерка за јавни работи поврзани со превенција од пожари и заштита на животната средина. Договорите за нивниот работен ангажман ќе бидат потпишани утре, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Мерката е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2025 година и има за цел да го засили локалниот одговор на зголемениот ризик од пожари, како и да придонесе кон пошумување и подобрување на еколошките услови.
„На јавниот повик пристигнаа 499 пријави. Од нив, 364 кандидати се појавија на обуката, а 352 успешно ја завршија и ги исполнија сите критериуми“, изјави Ангелов.
Обуката се спроведе во координација со територијалните противпожарни единици и експерти од Дирекцијата за заштита и спасување, на неколку локации низ државата.
„Сите што ја поминаа обуката ќе потпишат договори за јавни работи со Агенцијата за вработување, во партнерство со нашата Дирекција и со општините вклучени во програмата“, додаде тој.
Оваа мерка претставува директна поддршка за локалната заедница и дел од пошироката стратегија за одговор на климатските ризици, во период кога ризикот од шумски пожари е во постојан пораст.