Над 20- те поднесени проекти од Град Скопје, на конкурсот на Владата за распределба на средства од унгарскиот кредит, се со фокус на подобрување на јавниот превоз и набавка на нови автобуси, развој на градската патна инфраструктура, противпожарната заштита, јавната хигиена, информациски технологии и дигитализација, како и од областа на културата.
Соња ТАНЕСКА
Од Владата тврдат дека документацијата била нецелосна и затоа овие проекти се одбиени, а и дека градоначалничката Данела Арсовска не ракувала добро со финасиите, бидејќи на сметките имала доволно пари за да се изгради булеварот „Хасан Приштина“ но дека таа тоа не го правела.
Од Град Скопје за Рацин.мк Во сферата на урбанизмот и развој на патната инфраструктура, велат дека аплицирале со проекти за реконструкција на улица Беласица, изградба на булевар Македонско Косовска Бригада од раскрсница со булевар Никола Карев до раскрсница со булевар Босна и Херцеговина, кружен тек на улица Ѓорче Петров со булевар Македонска војска, изградба на кружен тек на булевар Александар Македонски, изградба на кружни текови на булевар 12-та Македонска бригада, реконструкција на булевар Србија и проект за обнова на градежната механизација.
-Во областа сообраќај, Град Скопје поднесе проекти за 80 еколошки автобуси на метан и 15 електрични автобуси. Во областа на противпожарната заштита, се аплицираше за обезбедување нови противпожарни возила, велат од Град Скопје.
Исто така градската администрација аплицирала на проекти и од областа на комуналните дејности, зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и зеленило, како и за реконструкција на стакленици за производство на садници.
-За секторот култура и спорт, се поднесоа апликации со проекти за реконструкција на планетариумот и изведба и поставување на трим тартан атлетска патека по должината на кејот на реката Вардар. Со цел имплементирање повисок степен на дигитализација и информациски технологии во Град Скопје се поднесе проект за LoRaWAN инфраструктура, како и за систем за паметно мерење и управување со електрична енергија, велат од Град Скопје.
Пари не добија Град Скопје, општина Сарај и Тераце, како и градот Струмица, повеќето поради нецелосна документација.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски рече дека Арсовска нема капацитет да реализира капитален проект, а денеска од општина Гостивар и понудија помош како да изработи проекти за да може да добие финасиски инјекции од владата.
Арсовска пак го нарече Мицкоски суетен и рече дека предводи Влада со „секташко ментална состојба“ откако Владата не прифати ниту еден од 20 проекти со кои Град Скопје аплицираше на повикот за помош на Општините.
Арсовска вели дека на Мицкоски суетата му е поважна од која било потреба на граѓаните, а со неистомислениците се пресметува со сегрегација и политички прогон, докажувајќи дека нема никаков демократски ни лидерски капацитет.
„Спротивно на ветувањата дека од средствата од унгарскиот кредит ќе се финансираат проекти во сите општини, без разлика на политичката определба на раководствата на локалните самоуправи, со вчерашната одлука се потврди за неточна. Единствено се потврди очекуваното секташко однесување на Мицкоски кое е насочено кон пресметки со неистомислениците и за кој државата, граѓаните и нивните потреби се очигледно на последно место“, вели Арсовска.
Градоначалничката вели дека Градот за сите 20 проекти имал целосна документација, за разлика од други Општини кои добиле пари, а не ги исполнувале условите, поточно општина Гостивар која добива 2.7 милиони евра за проекти иако должи преку 108 милиони евра потрошени од буџетот, на што од општина Гостивар и одговорија дека се отворени за соработка и за помош при изготвувањето на апликациите.
За потсетување Град Скопје достави проекти согласно објавениот јавен повик на Владата за поддршка на општините, со цел унапредување на квалитетот на живот на жителите на Скопје.