Нови форензички анализи ја преиспитуваат смртта на Курт Кобејн

Независни експерти откриваат индиции што можат да укажуваат на насилна смрт на фронтменот на „Нирвана“ три децении по неговата смрт

Смртта на фронтменот на „Нирвана“, Курт Кобејн, повеќе од три децении по трагедијата, повторно е во фокусот на јавноста. Независни форензички експерти неодамна изјавија дека околностите под кои славниот музичар починал во 1994 година можеби не се целосно разјаснети и дека постојат елементи што укажуваат на можност за насилна смрт.

Според британскиот весник „Дејли меил“, група експерти, предводена од специјалистот Брајан Барнет, повторно ги анализирале материјалите од обдукцијата, како и документацијата од местото на настанот. Нивниот заклучок е дека некои наоди не се во целосна согласност со официјалната верзија за самоубиство.

Фокусот на анализа беше медицинската документација која укажува на знаци на недостаток на кислород, вклучително и некроза на ткивата на мозокот и црниот дроб, што според експертите е типично за предозирање со хероин. Овие наоди, не се целосно во согласност со смрт предизвикана од огнено оружје.

Дополнително, сомнеж предизвикува и фактот што левата рака на Кобејн, со која тој според официјалната верзија ја држел цевката на пушката, била чиста. Експертите истакнуваат дека со истрел во глава, раката би требало да биде покриена со крв. Тие забележуваат и дека чаурата од куршумот не била пронајдена на очекуваното место, а трагите од крв на долниот дел од кошулата можат да укажуваат дека телото било поместено по смртта.

Експертите нагласуваат дека нивната цел не е да утврдат вина, туку да обезбедат транспарентност и повторно испитување на доказите. „Ако грешиме, нека ни се докаже“, велат тие, повикувајќи на отворена дискусија.

Од друга страна, Канцеларијата на судскиот испитувач на округот Кинг соопшти дека нема нови докази што би оправдале повторно отворање на случајот, а полицијата во Сиетл нагласува дека нема основа за преиспитување на првичната истрага, која беше прогласена за самоубиство.

Кобејн беше пронајден мртов во својот дом во Сиетл во април 1994 година. Неговата смрт ја шокираше светската јавност и го означи крајот на ерата на „Нирвана“. Иако низ годините се појавуваа теории на заговор, официјалниот заклучок останува непроменет.

Зачлени се на нашиот е-билтен