Нови летови од утре: Скопје со Стокхолм, Женева и Мадрид, Охрид со Базел

Mark Harkin, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons
Mark Harkin, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Скопскиот и охридскиот аеродром од утре официјално влегуваат во зимскиот распоред на летови со нови дестинации што директно ги отвораат македонските патници кон уште неколку европски пазари. Од 27 октомври, од аеродромот во Охрид стартува линија кон Базел. Оваа релација се смета за стратешка, бидејќи Базел е голем „европски јазол“ со лесен пристап не само до Швајцарија, туку и до пограничните региони на Франција и Германија. Со тоа Охрид не се врзува само за швајцарскиот туризам, туку станува подостапен викенд-град и културна дестинација за патници од три држави.

Скопскиот аеродром уште од утре додава повеќе нови рути. Започнуваат летови кон главниот аеродром во Стокхолм, што значи директна врска со шведската престолнина. На листата на нови зимски линии се и Штутгарт, Бари и Ларнака на Кипар. Овие линии важат и за дијаспората и за сезонските патувања, но и за кратки градски одмори, особено Бари и Ларнака кои се препознатливи како целогодишни „сончеви“ бегалишта.

Зимската екпанзија не застанува тука. Веќе од следниот понеделник, на 3 ноември, од Скопје ќе се лета и кон Женева, што е оценето како особено значајна деловна дестинација покрај туристичкиот аспект. Истовремено почнува и линијата за Мадрид, со што главниот град станува директно поврзан со Шпанија. Во втората фаза, од 15 декември во распоредот се додаваат Прага и Келн.

Планирано е мрежата да продолжи да се шири и по Нова година. Од април следната година најавени се летови кон Будимпешта и кон Неапол, што значи дека македонските патници добиваат уште две значајни градски/викенд дестинации на неколку часа летање.

Покрај новите рути, во зимската сезона што трае од денес до 28 март следната година остануваат редовните линии од Скопје до Виена, Белград, Атина, Загреб, Варшава, Франкфурт, Сандефјорд, Гетеборг, Малме, Ајндховен, Брисел, Париз, Дортмунд, Фридрихсхафен, Меминген, Франкфурт Хан, Базел, Нирнберг, Берлин, Милано, Хамбург, Венеција, Братислава, Рим, Баден-Баден, Малта, Болоња, Љубљана, Лондон, Стокхолм, Прага, Штутгарт, Ларнака, Келн, Лион, Бари, Мадрид, Женева, Истанбул, Измир, Анталија и Цирих. Охрид во истиот период одржува летови за Цирих, Базел, Дортмунд, Виена и Меминген.

Зачлени се на нашиот е-билтен