Нови правила за влез во Германија: Биометриски податоци за сите патници од 12 октомври


Германската влада соопшти дека од 12 октомври ќе започне примената на нов систем за собирање биометриски податоци на границите, кој ќе важи и за граѓаните на Македонија. Новиот систем е дел од правилата на ЕУ и ќе се воведува постепено на главните аеродроми – прво во Диселдорф, а наскоро и во Франкфурт и Минхен.

Министерството за внатрешни работи и Федералната полиција на Германија веќе ги започнале сите подготовки за непречено спроведување на системот.

Системот ЕЕС (Entry/Exit System) ќе го заменува досегашното печатење пасоши и ќе ги дигитализира податоците за влез и излез од Шенген зоната. Тој се однесува на државјани на трети земји со право на краток престој – и оние ослободени од виза, и патниците со виза.

На влез во ЕУ, од патниците ќе се земаат: име и презиме, датум на раѓање, скениран пасош, отпечатоци од прсти, биометриска фотографија, како и време, место и околности на влезот. Сите податоци ќе се чуваат дигитално на централни сервери.

Германските власти препорачуваат сите патници да се информираат однапред за новите правила преку германските дипломатски претставништва, авио-компании или федералната полиција.

Овој систем е прв чекор кон воведувањето на ETIAS, дигитален систем за пријава на влез во ЕУ, кој треба да го олесни влезот во Унијата. ETIAS ќе чини 21 евро и се очекува да биде целосно функционален во наредната година.

Зачлени се на нашиот е-билтен