Нови притисоци врз Србија: Трамп го поддржа законот за драконски санкции за земјите што соработуваат со Русија – можни царини до 500%

Американскиот претседател Доналд Трамп јавно го поддржа предлог-законот што предвидува исклучително строги санкции за сите држави кои продолжуваат да соработуваат со Русија, јавува „Блумберг“. Мерките, доколку бидат усвоени, би овозможиле воведување царини до 500% за увоз од земјите кои купуваат руски енергенси и истовремено не ја поддржуваат активно Украина.

„Републиканците предлагаат многу остри санкции против секоја земја што соработува со Русија. И тоа е во ред што се мене се однесува,“ изјави Трамп пред заминување од Флорида за Вашингтон. Тој додаде дека „можеби“ ќе биде додаден и Иран на листата, без дополнителни објаснувања.

Удар врз големите купувачи на руски енергенси

Законот најмногу би ги погодил Кина и Индија – земји кои остануваат меѓу најголемите купувачи на руска нафта и гас. Иако Трамп подолго време се обидуваше да го привлече Владимир Путин на преговарачка маса со украинскиот претседател Володимир Зеленски, „Блумберг“ потсетува дека Москва по речиси четири години војна не покажува намера за попуштање.

Во меѓувреме, Украина ги засилува нападите врз руската нафтена инфраструктура, додека Русија ја интензивира офанзивата врз украинските градови и ги зацврстува позициите околу железничкиот јазол Покровск.

Што значи ова за Србија и за НИС?

Темата повторно се отвори откако САД воведоа целосна примена на санкциите врз „Нафтна индустрија Србије“ (НИС) од 9 октомври, поради тоа што компанијата е во мнозинска руска сопственост.

На седницата на Владата на Србија, претседателот Александар Вучиќ соопшти дека решението за иднината на НИС мора да се најде во рок од една недела, бидејќи српскиот финансиски сектор е под директен ризик.

„Американските партнери нè предупредија на опасност за нашите банки и кредитниот рејтинг. Побарав уште 7–8 дена и мислам дека го добив тој рок. Мораме да излеземе од оваа ситуација за да не го загрозиме целокупниот финансиски систем,“ изјави Вучиќ.

Опциите на маса: продажба или национализација

Српските власти преговараат со потенцијални европски и азиски партнери за промена на сопственичката структура на НИС. Ако не се постигне договор околу цената, Вучиќ најави дека Србија е подготвена дури и да ја „преплати“ компанијата – но без „отимање“, како што рече.

Русија претходно побара продолжување на лиценцата за работа преку OFAC, нудејќи да ја препушти контролата на НИС на трета страна, но САД го одбија тој предлог.

Зачлени се на нашиот е-билтен