Новинарките во Македонија во дигитален пекол

Илустрација преземена од UNESCO

Онлајн омразата не е „коментар“, туку системски притисок

Говор на омраза, сексистички и мизогини навреди, закани по живот и безбедност, јавно објавување лични податоци, организирани хајки преку лажни профили – ова е секојдневието со кое се соочуваат новинарките во Македонија и регионот.
Според истражувањето на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА од 2022 година, дури 81% од новинарките во земјава биле жртви на онлајн вознемирување. Најчесто станува збор за говор на омраза (69%), сексизам (51,7%) и шовинизам (43,7%), но алармантни се и податоците дека секој четврти случај вклучува закани за физичко насилство, а речиси 20% – закани по живот.

Бјанка Станковиќ

Овие бројки, како што посочува новинарката и претседателка на ПИНА, Бјанка Станковиќ, не се изолирани инциденти, туку доказ за системски обид за замолчување на жените во медиумите.

Институционален молк и двојни стандарди

Иако дигиталното насилство остава сериозни психолошки, професионални и безбедносни последици, институциите сè уште го третираат како „личен конфликт“ или „дел од професијата“. Таквиот пристап, според Станковиќ, испраќа опасна порака – дека онлајн насилството е дозволено сè додека не стане физичко.

„За жал, институциите, сè уште не ги препознаваат овие закани со сериозноста што ја заслужуваат. Често се третираат како „лична работа“ и „конфликт“, а не како напад врз жените и слободата на медиумите шго испраќа опасна порака дека дигиталното насилство е дозволено сè додека не прерасне во физичко, а тогаш веќе е доцна. И самите новинарки во истражувањето споделуваат дека за превенција на онлајн напади и вознемирувања потребни се соодветни санкции (36,4%), ефикасни институции (23,6%) подигнување на свеста (16,4), законска регулатива (10,9%). Затоа онлајн насилството треба и мора да се третира како сериозна закана, во спротивно ќе остави простор за нови напади, кои би ја продлабочиле атмосферата на страв и автоцензура или целосно повлекување од професијата. Всушност и истражувањето истакнува дека времетраењето на постапките од страна на институциите, како и нивниот финален исход ги демотивира новинарките да ги пријават случаите на онлајн насилство. Меѓу другото, го имаме и проблемот со примена на двојни стандарди во ефикасноста на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, во зависност од функцијата на лицето кое е жртва на онлајн насилство. Ако станува збор за жртва политичар, овие случаи за многу брзо време добиваат институционална разрешница. Но ова не важи и за новинарките. Тоа делумно се должи и на нормализирање на онлајн насилството како дел од професијата, како и релативизирање на сериозноста на онлајн нападите и нивните последици, имајќи предвид дека немаат (најчесто) физички последици“, вели Станковиќ.

Особено загрижувачка е нееднаквата институционална реакција. Кога жртва на онлајн закани е политичар, случаите добиваат брза разрешница. Кога жртва е новинарка, постапките се долги, неефикасни или воопшто не започнуваат. Овој пристап дополнително ги демотивира новинарките да пријавуваат и создава клима на неказнивост.

Родово базираното насилство: напад врз местото на жената во јавниот простор

Родовото базирано онлајн насилство не е „погруба верзија“ на онлајн навредите. Тоа директно ја таргетира жената поради нејзиниот пол – преку сексуализирани коментари, напади врз изгледот, мајчинството, семејниот статус или преку закани со сексуално насилство.

Целта не е само дискредитација на професионалната работа, туку понижување и оттурнување на жените од јавниот и критичкиот простор.
„Кога ова го нарекуваме само ‘коментари на социјалните мрежи’, го нормализираме. Кога го именуваме како родово базирано насилство, признаваме дека станува збор за системски проблем“, нагласува Станковиќ.

Самоцензурата – тивката последица

Уредничката на libertas.mk и авторка на meduza.mk, Лени Фрчкоска, укажува дека најопасни се токму нападите кои не изгледаат драматично на прв поглед. Координирани кампањи, постојани навреди, лажни профили и манипулации постепено ја разоруваат професионалната сигурност и водат кон самоцензура.

Лени Фрчкоска

„За една новинарка денес, најперфидни и најподмолни дигитални закани се оние што не изгледаат директно како напад, туку постепено го нарушуваат нејзиниот професионален интегритет и безбедност. Најпрво, онлајн вознемирувањето и координираните кампањи кои често се масовни, континуирани и насочени кон новинарката ad-hominemни можат да доведат и до самоцензура. Овие напади често се потценети бидејќи се случуваат „само онлајн“, па јавноста не ги доживува како реална закана, иако последиците се реални. Друга не помалку перфидна закана се дезинформациите и дигиталните манипулации, како лажни профили, дипфејк содржини или манипулирање на изјави. Тие се опасни бидејќи ја напаѓаат репутацијата и кредибилитетот на новинарката, што е клучно за нејзината професија. Често делуваат уверливо и се шират брзо, пред да може да се демантираат.

Овие закани тешко се докажуваат како такви и често се сметаат за ‘цена на јавното присуство’. Дополнително, недостигот од јасни механизми за заштита и слаба институционална реакција придонесуваат тие да останат во сенка, иако сериозно ја загрозуваат слободата на новинарството“, потенцира Фрчкоска.

Новинарките почнуваат да избегнуваат теми, да се повлекуваат од јавни дебати или да го менуваат начинот на изразување – не затоа што сакаат, туку за да се заштитат. Така, родово базираното онлајн насилство директно ја ограничува слободата на медиумите и го осиромашува јавниот дискурс.

Вештачката интелигенција – ново оружје за стар проблем

Со појавата на алатки базирани на вештачка интелигенција, просторот за злоупотреби дополнително се проширува. Deepfake видеа, лажни аудио и фотографии, автоматизирани кампањи на омраза – нападите стануваат побрзи, поинтензивни и потешко препознатливи.

Фрчкоска изјавува: „Вештачката интелигенција овозможува многу полесно, побрзо и поевтино креирање на лажни, манипулативни или компромитирачки содржини – од лажни профили и автоматизирани кампањи на омраза, до дипфејк фотографии, видеа и аудио-записи. Ова радикално ја менува природата на вознемиеувањето, бидејќи повеќе не е потребен голем ресурс или техничка експертиза за да се нанесе сериозна штета.

 Дури и кога манипулацијата е разоткриена, сомнежот што останува може трајно да ја наруши репутацијата. Тоа создава чувство на постојана ранливост, бидејќи секоја објава, фотографија или јавен настап потенцијално може да биде злоупотребен или изваден од контекст со помош на ВИ.

Во однос на личната и професионалната безбедност, ова води кон зголемена анксиозност и чувство дека контролата над сопствениот дигитален идентитет е намалена. Новинарките не се соочуваат само со закана од директни напади, туку и со можноста за „конструирана реалност“ во која тие ќе бидат лажно претставени. Ова дополнително го засилува притисокот за самоцензура и повлекување од дигиталниот простор. Истовремено, институционалната и правната рамка често заостанува зад технолошкиот развој, што ја зголемува неказнивоста и чувството на беспомошност. Без јасни механизми за заштита, брза реакција и медиумска писменост кај публиката, вештачката интелигенција станува моќна алатка не само за иновации, туку и за систематска злоупотреба. Затоа, нејзиното влијание суштински го менува начинот на кој се доживува безбедноста во дигиталниот простор – од релативна изложеност, кон постојана неизвесност.“

Фрчкоска предупредува дека дури и кога манипулацијата е разобличена, сомнежот што останува може трајно да ја наруши репутацијата. Тоа создава чувство на постојана ранливост и дополнително ја засилува автоцензурата.

На прашањето Како родово базираното онлајн насилство влијае врз професионалната слобода и самoцензурата кај новинарките, и дали сметате дека редакциите доволно ги препознаваат овие ризици, Фрчкоска одговара: „Родово базираното онлајн насилство има длабоко и долгорочно влијание врз професионалната слобода на новинарките, најчесто како резултат на создавање атмосфера на притисок и постојана несигурност. Кога нападите се насочени кон изгледот, приватниот живот или улогата на жената во јавниот просторни приватно, тие не ја напаѓаат само работата, туку професионалниот интегеитет на новинарката. Ова ја зголемува веројатноста за самоцензура – избегнување чувствителни теми, повлекување од јавни дебати или промена на начинот на известување за да се намали ризикот од нови напади.

Самоцензурата често не е свесна одлука, туку механизам за самозаштита. Новинарките почнуваат да калкулираат што ќе објават, како ќе се изразат и дали воопшто да се изложат јавно, особено кога институциите не нудат јасна поддршка. На тој начин, родово базираното насилство индиректно ја ограничува слободата на медиумите и го осиромашува јавниот дискурс.

Во многу случаи, онлајн нападите се минимизираат како „дел од работата“ или личен проблем на новинарката, наместо како сериозна закана за професионалната безбедност и интегритет. Недостигаат јасни протоколи за пријавување, психолошка поддршка и дигитална безбедност, како и култура на солидарност.“

Обуките не се луксуз, туку нужност

И двете соговорнички се согласни дека обуките за дигитална безбедност, особено низ родова перспектива и во контекст на вештачката интелигенција, мора да станат редовен дел од новинарското образование и редакциските политики.

Без јасни протоколи, правна и психолошка поддршка и институционална реакција, технологијата ризикува да стане уште една алатка за замолчување, наместо средство во служба на вистината.

Онлајн насилството врз новинарките не е индивидуален проблем, туку закана за демократијата.
Игнорирањето на дигиталните напади значи прифаќање на автоцензурата, повлекување на жените од јавниот простор и слабеење на слободата на медиумите.

Прашањето веќе не е дали проблемот постои, туку колку долго институциите ќе молчат додека штетата станува неповратна.

Зачлени се на нашиот е-билтен