Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Новинарството e јавен интерес, а не злосторство

„Кога на новинарите им се закануваат, кога се уапсени, нападнати или на друг начин заплашувани да премолчат, вистината умира. На сите нас е да ја одржиме истата во живот“, се вели во една кампања на Амнести Интернешнл од 2014 година, која се однесува на слободата на новинарите и медиумските работници во Египет.

Но, притисокот до се дојде до вистината наспроти ризиците пред сѐ по животот на новинарите, па потоа и репресирање на слободата на медиумите, постојано се зголемува. Затоа ставањето крај на злосторствата врз новинарите е една од најбитните прашања во борбата за слобода на информирање, слобода на медиумите и пристап до информации до сите граѓани.

Според извештајот на Обединетите нации по повод одбележувањето на Меѓународен ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата против новинарите, 2 ноември, во период од 2006 до 2020 година над 1.200 новинари се убиени. Во девет од десет случаи убијците остануваат неказнети. Но и покрај убиствата, новинарите се подложени и на безброј закани, киднапирања, тортура и други вид на вербално или физичко малтретирање.

На веб-страницата на Репортери без граници може да се следи злоупотребата на новинарите ширум светот во реално време од јануари 2023 година. Според последните податоци 20 новинари и 1 медиумски работник се убиени, а притворени 514 новинари и 21 медиумски работник ширум светот. На Платформа за промовирање на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите на Советот на Европа,  можат да се најдат податоци за секој од новинарите, причината за нивно притворање, убиство, киднапирање или исчезнување, како и моменталниот статус.

Акциониот план на ОН за безбедноста на новинарите и прашањето за неказнивост е првиот заеднички напор во рамките на ОН за справување со нападите и неказнивоста на злосторствата врз новинарите кој ги обединува телата на ОН, националните власти, медиумите и граѓанските организации. Заштитата на новинарите е исто така дел од Агендата за одржлив развој 2030 година, на Обединетите нации.

Новинарството е јавен интерес, а не закана и злосторство е порака која треба се јасно да се стави до знаење, да се негува и промовира. Еден месец пред одбележување на Меѓународен ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата против новинарите, слободата на изразување и на медиумите останува под закана. Но, уште повеќе безбедносните граници се пробиваат преку хибридните закани, дезинформациите, лажните вести, секогаш придружени со говор на омраза, национализам и повици на насилство, загрозувајќи го медиумскиот простор и заканувајќи ѝ се на вистината и фактите.

Б. Јордановска

Треба да знаете
Moже да ве интересира