Новиот воен лидер на Мадагаскар, полковник Мишел Рандријанирина, командант на елитна воена единица, денес (14 октомври) објави двегодишен преоден период во кој ќе остане на власт, по што ќе следат нови избори.

„Преодниот период ќе трае максимум две години. Во тој период ќе се одржи референдум за усвојување на нов Устав, по што ќе следат избори за постепено воспоставување нови институции“, изјави Рандријанирина пред новинарите, објави Ројтерс.
Тој претходно денес изјави дека армијата ја презеде контролата врз африканската островска земја.
Воените лидери на Мадагаскар денес ја презедоа власта откако ги распуштија сенатот, Уставниот суд, изборното тело и другите државни институции.
Претходно, претседателот на Мадагаскар, Андриј Раџолини, ја напушти земјата и го распушти собранието по неколку недели антивладини протести.
Пратениците ја започнаа постапката за импичмент на претседателот порано денес, а претседателството објави дека состанокот на парламентот е неуставен и дека секоја одлука или резолуција што произлегла од него е ништовна по распуштањето на собранието, јавува Танјуг.
Во меѓувреме, силите на Мадагаскар им се придружија на демонстрантите предводени од млади луѓе против претседателот Андриј Раџоелина.
Началникот на полицијата дополнително ја нагласи солидарноста со армијата и националната жандармерија, истакнувајќи ја растечката институционална поддршка за демонстрациите, се вели во соопштението.
Обраќајќи се до нацијата од непозната локација во понеделник, Раџоелина одби да поднесе оставка и покрај притисокот од неколкунеделните протести од страна на граѓаните кои бараа негова оставка.