Американската компанија Epirus објави видео и официјален извештај од демонстрација на системот „Леонидас“, високoмоќно микробраново оружје што на полигонот Камп Атербери во Индијана со еден електромагнетен „пулс“ собори одеднаш 49 дронови. Во целата вежба биле ангажирани 61 летало и, според производителот, сите 61 биле неутрализирани, што ја прави оваа проба најмасовниот тест на еден контра-дронски систем од ваков тип досега. Демонстрацијата ја следеле претставници на американската армија и на сојузнички земји.
„Леонидас“ користи насочена енергија — високопулсни микробранови што ја „пеглат“ електрониката на леталата — и е изграден врз полупроводници од галиум-нитрид, што овозможува понизок енергетски трошок и повисока мобилност во однос на старите вакуумски генератори. Epirus го продава како решение „еден кон многу“: може селективно да погоди поединечна цел или да исчисти цел сектор од ројеви во радиус и агол на дејство. Компанијата за демонстрацијата го сподели и видеото на кое повеќе од четири дузини квадкоптери буквално паѓаат истовремено, после краток блиц од антенскиот модул.
Технолошката новина предизвика брзи реакции во специјализираните воени и технолошки медиуми, кои ја нагласија важноста на ценовно одржлива одбрана од евтини, масовни дронски напади. Според повеќе извештаи од теренот, клучниот момент бил токму „ројот“ од 49 апарати соборен со еден удар — сценарио сè почесто гледано во реални конфликти.
Иако успешноста ја објави производителот, настанот беше најавен и документиран од новинари и аналитичари на лице место, а Epirus годинава обезбеди и нов капитал за забрзување на производството и извозните планови. Практичниот предизвик останува интеграцијата со сензори и со постојната ПВО-архитектура, како и тактичката употреба во услови на релјефни заклони, лошо време и мешани „роеви“ со различни платформи.