Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Обама: Не ни требаат четири години хаос, Америка е подготвена за Камала Харис како претседателка

„Не ни требаат четири години метеж и хаос. Го гледавме тој филм и порано, и сите знаеме дека продолжението е обично полошо. Америка е подготвена за ново поглавје. Америка е подготвена за подобра приказна. Подготвени сме за Камала Харис како претседателка на САД“, порача поранешниот претседател Барак Обама на конвенцијата на демократите во Чикаго, градот од каде што ја започна својата политичка кариера што создаваше историја пред неколку децении.

Обама порача дека Американците се исправени пред предизвикот да се борат за Америка во која веруваат и дека во таа борба е многу важно кој ќе предводи.

„Поставувете си едно, многу едноставно прашање: Кој ќе се бори за мене? Кој мисли за мојата иднина; за иднината на моите деца – за нашата заедничка иднина?“, порача Обама.

За Обама едно е сигурно: Дека Доналд Трамп „ја гледа моќта како ништо повеќе од средство за неговите цели“.

„Најмногу од сè, Доналд Трамп сака да мислиме дека оваа земја е безнадежно поделена меѓу нас и нив. Помеѓу вистинските Американци кои го поддржуваат и аутсајдерите кои не го поддржуваат. И тој сака да мислите дека ќе бидете побогати и побезбедни ако само му дадете моќ да ги врати тие ‘други’ луѓе на нивното место. Тоа е еден од најстарите трикови во политиката“, рече Обама.

Кога присутните започнаа да го исвиркуваат Трамп, Обама се сврте и им се обрати со познатиот повик од времето кога беше претседател: „Не исвиркувајте – гласајте“.

Во друго ехо, тој го намени неговиот сопствен слоган и за Камала Харис: „Да, таа може“ и рече дека Америка е подготвена за Камала Харис како претседателка.

„Камала Харис е подготвена за работата. Таа е личност која го поминала својот живот борејќи се во име на луѓе на кои им треба глас и застапник. Како што слушнавте од Мишел, Камала не била родена во привилегија. Таа мораше да работи за она што го има, и всушност се грижи за тоа низ што поминуваат другите луѓе. Таа е соседот што брза да помогне кога ви треба рака“, порача Барак Обама.

Обама говореше за слободата која станува главен фокус на кампањата на Камала Харис.

„Ние веруваме дека вистинската слобода ни дава право на секој од нас да донесува одлуки за сопствениот живот. Но, ние веруваме дека слободата бара од нас да признаеме дека другите луѓе имаат слобода да прават избори што се различни од нашите. Тоа е Америка во која веруваат Камала Харис и Тим Волц. Америка во која ‘Ние луѓето’ ги вклучува сите. Затоа што само така функционира овој американски експеримент“, истакна Обама во говорот на конвенцијата на демократите во Чикаго.

Обама рече дека „Ниту една нација, ниту едно општество, никогаш не се обидело да изгради демократија толку голема и разновидна како нашата досега и дека кога ги поддржуваме нашите вредности, светот е малку посветол“.

„Кога не го правиме тоа, светот е малку помрачен, диктаторите и автократите се чувствуваат охрабрени и со текот на времето стануваме помалку безбедни. Ние не треба да бидеме светски полицаец и не можеме да ја искорениме секоја суровост и неправда во светот. Но, Америка може да биде, мора да биде сила за добро – обесхрабрување конфликти, борба против болести, промовирање на човековите права, заштита на планетата од климатските промени, одбрана на слободата. Тоа е она што Камала Харис верува – а исто така и повеќето Американци“, нагласи Обама.

„За тоа се овие избори“, им порача Обама на демократите и на Американците кои во огромен борј ја следеа конвенцијата и преку медиумите.

„Ако секој од нас го направи својот дел во следните 77 дена – ако тропаме на вратите и телефонираме и разговараме со нашите пријатели и ги слушаме соседите – ако работиме како никогаш порано – ние ќе ја избере Камала Харис за следен претседател на САД, а Тим Волц за следен потпретседател на САД. Ќе избираме водачи кои ќе се борат за надежната, напредна Америка во која веруваме. И заедно, и ние ќе изградиме земја која е побезбедна и поправедна, поеднаква и послободна“, порача поранешниот претеседател Барак Обама во својот говор на Конвенцијата на Демократската партија на САД што се одржа во Чикаго.

Најново