Хакерската група „Laundry Bear“, за која холандските власти тврдат дека е поврзана со руските разузнавачки служби, се обидела да ги хакира серверите на НАТО и холандската полиција, соопштија холандските разузнавачки агенции, пренесе „НЛ тајмс“.
Групата, која стои зад нападите врз мрежите на холандската полиција, НАТО и неколку европски земји во 2024 година, имала за цел да добие пристап до тајни информации за воена опрема и испораки на оружје за Украина. Според холандската Генерална разузнавачка агенција и Воената агенција, групата, најверојатно поддржана од руската држава, вршела кибер-шпионажа и против компании што произведуваат високи технологии, недостапни за Русија поради западните санкции.
Дејствијата на групата биле откриени во септември 2024 година, а властите намерно сега го објавија нејзиниот профил. Паралелно, британската влада соопшти дека хакери поврзани со Русија, претставувајќи се како новинари, се обиделе да извршат кибер-шпионажа врз персоналот на Министерството за одбрана. Нападот бил спречен, а бил откриен за време на посетата на министерот за одбрана Џон Хили на воен сајбер-центар во Вилтшир, објави „Скај њуз“.
Британското Министерство за одбрана регистрирало над 90.000 обиди за кибер-напади во последните две години, двојно повеќе од претходниот двогодишен период