Екипи на „Македонија пат“ утрово интервенираат на магистралниот пат А3, на делницата Делчево – Македонска Каменица, кај селото Очипала, каде што поголем одрон се има спуштено врз дел од коловозот. Земјени и камени маси завршиле на патот по вчерашните врнежи, но засега сообраќајот не е целосно блокиран. Возилата се пропуштаат со кратки задршки, додека механизацијата го расчистува материјалот од коловозната лента.
Од надлежните служби предупредуваат дека одрони има и на други точки долж истата магистрална траса, што ја прави делницата особено ризична во утринските и вечерните часови. Возачите се повикуваат да се движат со зголемено внимание, да ја намалат брзината и да избегнуваат нагли маневри, особено на кривините и сенковитите делови каде влагата подолго се задржува.
Работите на терен продолжуваат и во текот на денот. Екипите најавуваат дека ќе останат на местото сè додека не се отстрани целиот одронет материјал и не се обезбеди нормално и безбедно одвивање на сообраќајот.

