Објавен повикот за Наградата за младинско учество за 2025 година

Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со Националниот младински совет на Северна Македонија го објави повикот за Наградата за младинско учество за 2025 година.

Како што соопштуваат од Министерството, на повикот ќе бидат вреднувани сите активности на младите, нивните иницијативи, акции или идеи кои се реализирани од јуни 2023 до мај 2025 година. 

Наградите, појаснуваат оттаму, се поделени во три категории, и тоа – 1.000 евра за индивидуална категорија наменета за млади на возраст од 15 до 29 години кои спровеле иницијатива со општествена вредност, 3.000 евра за неформални групи на млади кои здружено реализирале соработнички проекти и 3.000 евра за младински организации, организации за млади и чадор-организации кои континуирано работат со млади.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, на денешната прес-конференција посочил дека наградата не претставува само финансиски поттик, туку признание и институционално вреднување на младите кои избираат да се вклучат и да направат промена.

– Тоа е повик што државата го упатува на младината со порака „ве гледаме, ве слушаме и ве поддржуваме”. Рокот за аплицирање е до 30 јуни 2025 година и ве охрабрувам да аплицирате, номинирате пријател, група или организација. Споделете ја вашата успешна приказна, затоа што на нашата земја ѝ требаат повеќе позитивни примери – а ние цврсто веруваме дека најдобрите примери се токму меѓу нашата младина, посочил министерот.

Повеќе информации во врска со повикот може да се најдат на официјалната веб страна на Министерството, додека за условите и критериумите за Наградата за младинско учество повеќе детали на следниот линк: https://www.mtsp.gov.mk/content/pdf/2025/mladi_oglasi/nagrada_mladinsko_ucestvo.pdf

Поднесувањето на вашата номинација можете да го направите на следниот линк: НОМИНАЦИЈА ЗА НАГРАДА ЗА МЛАДИНСКО УЧЕСТВО 2025 

Зачлени се на нашиот е-билтен