ОБСЕ/ОДИХР: Поларизирани избори без локални теми и со драматично потценување на жените како кандидатки за градоначалнички

Поларизирани избори без локални теми – малите партии и независните без адекватен медиумски и финансиски пристап

Локалните избори беа конкурентни, но силно поларизирани и со доминација на национални теми меѓу кои и со етничка линија, што ги потисна локалните прашања – оценија меѓународните набљудувачи. ОБСЕ/ОДИХР, Конгресот на Советот на Европа и Европскиот парламент и овој пат регистрираа дека државните пари се користат за политички цели, а имало и наводи за притисоци и заплашување на гласачи и вработени во јавната администација.

„Правните одредби за политичко рекламирање, вклучително и во медиумите, ги ставија во неповолна положба независните кандидати и непарламентарните партии и неправедно ги исклучија помалите партии.“, порача Матео Мекачи.

Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа оцени дека изборниот ден поминал мирно и уредно, со позитивна оцена за работата на избирачките одбори и за користењето биометриска идентификација иако забележале и технички прекини што треба во иднина да се надминат.

„Го поздравуваме тоа што од последната мисија на Конгресот за набљудување избори па наваму, членовите на избирачките одбори добија повисок стандард на обука, што ги зголеми оперативните капацитети на изборната администрација, заедно со нивните позитивни напори за унапредување на користењето на биометриската идентификација. Имаше технички проблеми со тие машини, што го видовме од прва рака и се надеваме дека тие ќе можат да се отстранат за следните избори…“, вели Гобнит Ни Вимнехан.

Европскиот парламент потсетува дека голем дел од препораките од претходните набљудувања се сè уште отворени, а на изборниот ден имало процедурални пропусти при редоследот при броење на гласовите, семејно гласање и слаба пристапност за лица со попреченост.

Во однос на застапеноста на жените, набљудувачите посочуваат дека законските квоти овозможуваат една третина да бидат на советничките листи, но на листите за градоначалници жените се драматично потценети и мора да се најде решение за нивна адекватна застапеност и на овие листи. Од Европскиот парламент, кој во основа не набљудува локални избори, порачаа дека мора да се подобрат неколку работи.

„Дополнително охрабруваме силна и континуирана борба против корупцијата — дестабилизирачка сила што ја загрозува интегритетот на демократските институции на земјата. Ги охрабруваме новите локални власти да се фокусираат на клучните локални прашања, одговарајќи на повиците на граѓаните за подобри услови за живот, понизок трошок на животот, чист воздух и решителен став против корупцијата.“, вели Марта Тамидо.

Генералната оценка е дека изборите беа конкурентни и генерално мирни, но дека суштинските забелешки на ОБСЕ/ОДИХР и на партнерите не се отстрануваат доволно брзо, особено во делот на еднакви шанси во кампањата, пристапност, прецизен избирачки список и зајакнување на локалната содржина на локални избори.

Зачлени се на нашиот е-билтен