Обвинителката Ристоска: Мицкоски јавно да се извини за измислените тврдења, презедов институционални и лични чекори за заштита на мојата чест, углед и професионална самостојност

Барањето за јавно извинување и повлекување на спорните наводи таа писмено го доставила до премиерот. Истовремено, доставила и писмено известување до Советот на јавните обвинители, во кое укажува дека со ваквиот јавен говор од премиерот се нарушува нејзината самостојност како јавен обвинител.

Јавната обвинителка Ленче Ристоска реагира на наводите што премиерот Христијан Мицкоски ги изнесе во неодамнешното интервју за „Вечер.мк“ во кое говорејќи за актуелни теми поврзани со законите за правосудството и предлог-измените на Кривичниот законик, ја нарекува „медиокритет“ и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за „клиентелистичко-политичка мартица“. Мицкоски не ја спомнува со име обвинителката, но од содржината на изјавата е јасно дека станува збор за неа.

Ваквите наводи обвинителката ги оценува како навреди и неосновани професонални дискалификации, поради кои, како што вели, од премиерот бара јавно да се извини и да ги повлече спорните наводи.

„По однос на интервјуто на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за порталот ‘vecer.mk’, во кое за мене беа изнесени навреди и неосновани професионални дисквалификации, презедов соодветни институционални и лични чекори за заштита на мојата чест, углед и професионална самостојност.

Имено, во интервјуто претседателот на Владата изнесува неточни и понижувачки вредносни судови, имплицирајќи дека сум ‘медиокритет’ со ‘клиентелистичко-политичка матрица’, а дополнително ме поврза и со целосно измислени тврдења за изјави кои не сум ги дала, со очигледна тенденција да се доведе во прашање мојот професионален интегритет“, вели обвинителката Ристоска.
Барањето за јавно извинување и повлекување на спорните наводи таа писмено го доставила до премиерот. Истовремено, доставила и писмено известување до Советот на јавните обвинители, во кое укажува дека со ваквиот јавен говор од премиерот се нарушува нејзината самостојност како јавен обвинител.

„Со цел заштита на мојот личен и професионален углед, од претседателот на Владата писмено побарав јавно извинување и повлекување на спорните наводи. Истовремено, согласно Правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, писмено го известив и Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, укажувајќи дека со ваквиот јавен говор се нарушува мојата самостојност во вршењето на јавнообвинителската функција“,вели обвинителката.

За потсетување, Ристоска е дел од ОЈО Скопје, јавна обвинителка за врски со Европравда и беше дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таа пред судот сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице за нејзино незаконско финансирање, за што се бара и конфискација на партиското седиште.

Таа овој момент го наведува во својата реакција, нагласувајќи дека поради ваквите околности изјавите на премиерот ги доживува како несоодветен притисок врз нејзината работа.

„Нагласувам дека во моменталните околности, претседателот на Владата е и претседател и законски застапник на политичката партија која е опфатена во кривични постапки во кои јас постапувам како јавен обвинител, и има јасен правен интерес од нивниот исход. Поради тоа, овие изјави ги доживувам како несоодветен притисок врз мојата работа и обид да се влијае врз моето постапување и одлучување“,наведува Ристоска.

Инаку, наводите за кои реагира Ристоска премиерот Мицкоски ги изнесе во интервјуто за порталот „Вечер.мк“, одговарајќи на прашања повразни со корпусот закони за правосудството.

Новинарката: Накусо да прокоментираме, очекувате со новиот Закон за судски совет кој помина во Собрание и за обвинителство кој помина на Влада, дека навистина ќе се реформираат овие институции и ќе има понезависно и професионално работење?

Мицкоски: Тие два закона, законите за Судски совет и за обвинителство ги поминаа филтрите на Венецијанската комисија, а законот за Судски совет го помина филтерот и на Европската комисија, а законот за обвинителство ги вклучува и оние делови кои Европската комисија (ЕК) ги побара од нас. Така што ние постапуваме соодветно на барањата и потребите кои ни ги стави на маса ЕК. Сега имавме извештај кој велеше дека застаната е борбата со криминалот и корупцијата, зошто, затоа што не се носеле закони. Добро, ајде еве ќе ги донесеме законите.

Недостасуваат измените на Кривичниот законик бидејќи некој претходно направил авантура (зборувам за измените на претходната влада) и добро, поднесовме измени до Собранието на Кривичниот Законик. Веднаш излегоа поединци, и тоа најгласен коментатор беше еден поранешен припадник на поранешното СЈО, кој вели дека со овие нови измени се намалувале казните (а претходно немаше никакви казни, ама тогаш не ги слушнавме кога оние ги бришеа комплетно од КЗ) и овозможувале да се досудат, внимавајте, значи они веќе ги осудија луѓево – да се досудат условни казни. Замислете каква им е матрицата на размислување. Пазете, обвинител коментира веќе досудена работа. Бидејќи обвинителот и адвокатот се две спротиставени странки во процесот…

Новинарката: Клиентелистичко-политички..

Мицкоски: Да, и сега јас ја слушам и просто не можам да верувам со каков тип на медиокритети ние имаме работа. Но, во ред, тоа е тоа. Ние велиме вака, ајде сега да направиме компаративна анализа, бидејќи секогаш им велам на соработниците – пред да донесеме одлука, дајте да имаме аргументи на што ќе ја темелиме таа одлука и да направиме една компаративна анализа. И направивме компаративна анализа со земји членки на ЕУ – Хрватска, Словенија, Германија, Италија, Франција, мислам дека од земји кои не се членки на ЕУ беа Србија и Швајцарија и направивме поширок опфат и донесовме одлука која можеме да ја браниме со аргументи.

Инаку, Ристоска се најде во отворен судир со ВМРО-ДПМНЕ кон средината на октомври минатата година. Тогаш таа остро реагираше на соопштение на партијата насловено „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“ и почнуваше со „каков крај“, а се однесуваше на изјавата на Ристоска во врска со отворањето нов оглас за избор на судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.

„Наместо да се преправа дека е жртва, подобро би било конечно да им објасни на граѓаните колку точно бонуси и награди си исплатила во времето кога Македонија се гушеше во неправда, а тие делеле правда со партиски аршин. Периодот на ‘правда со дневница’ заврши. Денес е времето на вистинска правда, без бонуси, без партиски заштити и без селективност“,наведоа од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението од 14 октомври 2025 година, на кое реагираше Ристоска.

Таа и тогаш ги оцени обвинувањата од владејачката партија како притисок врз нејзината работа и побара јавно извинување, а се закани и со тужба доколку ВМРО-ДПМНЕ не ги повлече изнесените тврдења.

Соопштението во кое ВМРО-ДПМНЕ ја нарекува Ристоска „ѕвезда на пропаднатото СЈО“ беше објавено по нејзината изјава дека не е случајно тоа што листата со тројца кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, на која беше и нејзиното име, е поништена. Таа реагираше и на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека платата на претставникот на земјава во Европравда била висока.

„Сакам да укажам дека како обвинител јас имам не само право, туку и обврска јавно да зборувам за прашања со кои се задира во независноста на обвинителството, се загрозува владеењето на правото и принципот на поделба на власта и се атакува на мојот професионален интегритет. Мојата работа како јавен обвинител е борба со криминалот и таа секогаш се базира на заштита на јавниот интерес, без оглед кој сѐ се јавува како сторител на кривични дела реагираше тогаш Ристоска.

Ристоска ги доведе во корелација тврдењата на премиерот за нејзината плата со неиспраќањето на првата листа во Стразбур и со, како што вели, клеветничките кампањи од одредени провладини медиуми.

Владата летоска не ја утврди предлог-листата за избор на судија од земјава во Европскиот суд за човекови права, утврдена од комисија што самата ја формираше, без да даде конкретно објаснување.

На предлог-листата беа тројца кандидати – обвинителката Ленче Ристоска, судијката во Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.

Владата одлучи да не ја прифати листата од тројца кандидати, на која два месеци работеше комисија формирана токму од Владата, со кусо образложение дека апликантите не ги исполнувале условите, по што беше отворен нов оглас.

Зачлени се на нашиот е-билтен