Обвинителството бара разговори со деканот по смртта на студентка

Вишото јавно обвинителство во Белград ѝ наложи на полицијата да разговара со деканот и со други вработени на Филозофскиот факултет, по смртта на 25-годишна студентка што го потресе Универзитетот во Белград. Истрагата ја води Посебното одделение за сузбивање корупција, а предметот е насочен кон утврдување на сите околности поврзани со безбедноста на студентите и вработените во зградата на факултетот.

Според соопштеното од обвинителството, се проверува и дали постојат елементи на кривично дело „несовесно работење во службата“, односно дали имало пропусти во постапувањето на одговорните лица на факултетот. Српските медиуми објавија дека на разговори се повикани и членови на управата на факултетот, покрај деканот.

Случајот се однесува на настан од вечерта на 26 март, кога, според првичните информации на српското МВР, на петтиот кат од факултетот бил пријавен инцидент, по кој студентката загинала на платото пред објектот. Точните околности на смртта сè уште се предмет на истрага.

Филозофскиот факултет соопшти дека целосно соработува со надлежните органи и побара почитување на приватноста на семејството и достоинството на сите погодени од трагедијата. Во меѓувреме, српското Министерство за просвета најави вонреден инспекциски надзор за да се утврди дали имало пропусти во законитоста на работата и во постапувањето на оваа високообразовна установа.

Зачлени се на нашиот е-билтен