Очекувано и посакувано беше експлозивот крај гасоводот во Србија стана тема на изборите во Унгарија

Пронајдениот експлозив во близина на гасоводот кај Кањижа, на северот на Србија, за само неколку часа од безбедносен инцидент се претвори во голема политичка тема во Унгарија. Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека биле најдени две торби со експлозив и детонатори на неколку стотини метри од трасата, а Виктор Орбан веднаш свика итен состанок на Советот за одбрана. Сето тоа се случува само неколку дена пред парламентарните избори во Унгарија, закажани за 12 април.

Но наместо приказната да остане само на ниво на истрага, во Унгарија брзо прерасна во политички судир. Опозицискиот лидер Петер Маѓар јавно порача дека инцидентот не смее да се претвори во изборна алатка и предупреди дека, ако власта го користи случајот за кампања, тоа ќе отвори сомнеж за однапред подготвено сценарио на страв. Слични сомнежи се појавија и во дел од унгарската јавност, каде тајмингот на настанот веќе се чита низ призмата на изборната трка, а не само како прашање на безбедност.

Официјалниот наратив од Белград и Будимпешта е поинаков. Таму се зборува за можен акт на саботажа и за закана по критичната енергетска инфраструктура, а од унгарска страна повторно беа испратени пораки што индиректно ја насочуваат приказната кон Украина. Киев тоа експресно го отфрли и возврати дека нема никаква врска со случајот, додавајќи дека поверојатно станува збор за операција со друго политичко сценарио во позадина. Во ваква атмосфера, истрагата уште не е завршена, а политичките пораки веќе одамна ја претрчаа.

Затоа дел од унгарските медиуми и аналитичари настапуваат многу повнимателно и предупредуваат дека засега има повеќе прашања отколку одговори. Во дел од извештаите фокусот е ставен на тоа дека експлозив навистина е пронајден, но дека мотивот, извршителите и пошироката позадина остануваат непознати. Во други, пак, преовладува многу поостар сомнеж дека случајот може да биде искористен за мобилизација на страв и за засилување на реториката за надворешна закана во самата завршница на кампањата.

Контекстот дополнително ја крева тежината на целата приказна. Орбан влегува во изборите како лидер што првпат по долго време се соочува со навистина сериозен предизвик, а две независни анкети покажаа предност на Тиса пред Фидес. Во таква клима, секоја безбедносна криза, особено ако е поврзана со енергија, граници и Украина, лесно станува дел од политичката кампања. Токму затоа случајот со експлозивот кај гасоводот повеќе не се следи само како полициска истрага, туку и како тест за тоа колку далеку може да оди политиката кога ќе влезе во зоната на стравот.

Зачлени се на нашиот е-билтен