Од 1 јануари поевтини сметки за струја: се кратат трошоците за дистрибуција

FLICKR

Од први јануари 2026 година граѓаните и малите потрошувачи треба да добијат мал, но значаен ребаланс во сметките за струја. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука да ги намали трите клучни надоместоци што влегуваат во крајната цена на електричната енергија – за пренос, за дистрибуција и за операторот на пазарот.

Според одлуката, надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем на „Електродистрибуција“ ДООЕЛ се намалува за 3,64 проценти, надоместокот за преносниот систем на МЕПСО се кратки за 2,67 проценти, а услугите на операторот на пазарот МЕМО поевтинуваат за 3,4 проценти. Овие ставки се вградуваат во делот од цената што ја одредува Регулаторната комисија и ќе бидат дел од пресметката на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ за домаќинствата и малите потрошувачи.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, објасни дека новите тарифи значат намалување на „регулаторниот“ дел во крајната цена за околу 1 до 1,2 отсто. Во структурата на сметката, надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем учествува со околу 33 проценти, преносот преку МЕПСО со околу 4 проценти, додека услугите на МЕМО имаат многу мало учество од околу 0,19 проценти. Вкупно, влијанието на РКЕ во крајната цена на струјата изнесува околу 37 проценти.

Регулаторот нагласува дека при носењето на одлуката биле признати реалните трошоци на енергетските компании – од покривање на техничките загуби во мрежата, до планираните инвестиции и тековното работење. Во исто време, преку таканаречениот корективен фактор се „вратени“ дел од средствата што компаниите ги инкасирале над одобрениот максимум во 2024 година: од МЕПСО се одземени 7,1 милион евра, а од „Електродистрибуција“ 16,3 милиони евра. Оваа корекција треба да се почувствува токму во пониските трошоци за мрежни услуги што ќе ги плаќаат граѓаните.

Следниот чекор е на „ЕВН Хоум“, кој под надзор на РКЕ треба да ги пресмета финалните цени по блокови и да ги достави до Комисијата. Универзалниот снабдувач, освен количините што ги обезбедува од државната ЕСМ, има обврска да откупи и дел од електричната енергија од повластените производители – вообичаено околу 250–260 милиони киловат-часови годишно. На тоа се додава и снабдувачката маржа и останатите пресметковни елементи, што значи дека конечната сметка за домаќинствата ќе зависи и од фактори кои не ги определува директно Регулаторната комисија.

Во анализите на РКЕ се разгледува и ефектот на евтината тарифа. Комисијата утврдила дека цените по 22 часот на пазарите се исклучително високи и дека евентуално додавање нов час евтина струја во текот на денот би значело поместување на ноќната евтина тарифа од 22 часот на полноќ. Засега, фокусот останува на одлуката за мрежните трошоци, која треба да биде вградена во новиот ценовен пакет за 2026 година.

За граѓаните тоа во пракса значи умерено, но реално олеснување во делот на трошоците за пренос и дистрибуција. Колку тоа ќе се претвори во пониска конечна сметка по киловат-час ќе биде јасно дури кога универзалниот снабдувач ќе ги објави цените по блокови, но сигналот од регулаторот е дека барем дел од товарот во новата година ќе биде намален.

Зачлени се на нашиот е-билтен