Концентрацијата на јаглерод диоксид (CO₂) во атмосферата минатата година се зголемила повеќе отколку во која било друга година откако се водат записи од 1957 година, соопшти денеска Светската метеоролошка организација (СМО).
Годишното зголемување на CO₂ е тројно поголемо отколку во 1960-тите, наведе агенцијата на ОН. Други долготрајни стакленички гасови – вклучувајќи метан (CH₄) и диазотен оксид (N₂O) – исто така достигнале рекордни нивоа, додаде СМО.
Во 1960-тите, концентрацијата на CO₂ се зголемувала за 0,8 делови на милион (ппм) годишно. Меѓу 2011 и 2020 година, просечното годишно зголемување било 2,4 ппм, а меѓу 2023 и 2024 година се искачило на 3,5 ппм.
Тоа довело до пораст на концентрацијата на CO₂ во атмосферата минатата година на 423,9 ппм.
CO₂, кој се ослободува при согорување на фосилни горива, влијае врз климата со векови, бидејќи според проценките, меѓу 15 и 40 процнети од гасот останува во атмосферата и по 1.000 години.
СМО нагласува дека шумските пожари го зголемуваат јаглерод диоксидот во атмосферата, додека капацитетот за апсорпција на CO₂ во шумите и океаните е во опаѓање како резултат на климатските промени, со што се создава маѓепсан круг.
Ефектот бил дополнително засилен минатата година поради временскиот феномен Ел Нињо, кој предизвикува суши низ Јужна Америка и јужна Африка, како и повеќе пожари. Сушата ги прави екосистемите помалку способни да апсорбираат CO₂.
Според температурните записи, 2024 година била најтопла од почетокот на индустриската ера околу 1750 година, со зголемување од повеќе од 1,55 степени Целзиусови во однос на прединдустрискиот просек. Светските мориња исто така биле потопли од кога било досега, и на површината и на длабочини до 2.000 метри.