Од Амазон до Антарктик: Доколку сакате да трчате ова се маратони што се паметат цел живот

Маратоните што се паметат цел живот сè повеќе стануваат дел од новиот патувачки тренд во кој трчањето веќе не е само спортски предизвик, туку и начин да се доживее некое место на поинаков, подлабок и многу поинтензивен начин. Euronews пишува дека таканаречените „мара-кeјшнс“, односно патувања врзани со маратони, бележат раст заедно со поширокиот тренд на „run-cation“ одмори, а извештај на Accor за 2025 година регистрирал и скок од 50 проценти во пребарувањата за „workout holidays“ во само една година.

На листата што ја издвојува Euronews не се само славните градски маратони, туку трки што повеќе личат на експедиции. На островот Света Елена, наречен и „најоддалечениот маратон во светот“, тркачите минуваат низ вулкански пејзажи и завршуваат во Џејмстаун. Во перуанскиот Амазон, новиот Amazon Marathon, закажан за 9 септември 2026 година, носи само 50 учесници низ џунгла со богата биолошка разновидност. Во Кина, Great Wall Marathon останува еден од најтешките поради повеќе од 5.164 скалила и стрмните делници на Кинескиот ѕид.

Уште поекстремни се африканската и антарктичката верзија на ова искуство. Big Five Marathon во Јужна Африка се трча низ резерват со слонови, лавови, леопарди, носорози и биволи, под надзор на вооружени ренџери, додека Antarctic Ice Marathon се рекламира како најјужниот маратон во светот и единствениот што се одржува на копното на Антарктикот, со просечен студ од минус 20 степени, снег, мраз и силна изолација. Таму влогот е и физички и финансиски: котизацијата достигнува 22.500 долари.

Токму затоа овие трки не се продаваат само како спортски настани, туку како животно искуство што се раскажува со години. Во време кога класичните маратони веќе се дел од глобалниот спортски календар, новата привлечност очигледно се сели кон местата каде дистанцата е иста, но приказната околу неа е многу поголема: во џунгла, на ѕид стар со векови, покрај диви животни или среде ледена пустина.

Зачлени се на нашиот е-билтен