„Владата посветува внимание во спроведување на реформите со цел постигнување на забрзан економски раст. Покрај Реформската агенда, која заедно е утврдена со ЕК, имаме многу активности предвидени во Програмата за работа 2024-2028 година, а кои ќе носат промени за подобро утре“, рече во Брисел министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска, на средбите со претставници од Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија (ДГ НЕАР).
Според Димитриеска-Кочоска, еден од најзначајните документи кои ги отсликува политиките што ќе ги креира Владата е Буџетот за 2025 година, кој е подготвен и доставен во собраниска процедура.
– Како Влада сме посветени најмногу на реализацијата на инвестициите затоа што носат економски раст. Наш приоритет е и борбата со криминалот и корупцијата, истакна министерката за финансии.
На средбите беше нагласено дека напредокот во спроведувањето на реформите и зајакнување на капацитетите на администрацијата, ќе отворат можност за поголем пристап до средства од фондовите на ЕУ и за зголемени инвестиции.
Димитриеска-Кочоска, вчера во Брисел учествуваше на конференцијата „Гласови, избори и лидерство: Пресвртна точка за Европа?“ организирана на тинк-тенкот „Пријатели на Европа“, каде беше еден од говорниците на панелот насловен „Проширување на Европа: По која цена и со каква структура?“, а пред тоа имаше средба и со претставници на Европската народна партија (ЕПП).