Страста да бидaм во филмската индустрија е таа која ме водеше уште од раните почетоци во оваа работа. Јас и моjoт пријател Јануш Камински, очајно сакавме да станеме кинематографи. Не го правевме тоа за да бидеме богати, туку го правевме поради страста кон филмот. Ни беше гајле за парите, рече денеска Воли Фистер, добитникот на годишната Специјална Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност, на денешниот мастерклас во киното „Манаки“, чиј модератор беше Златко Гелевски.
Во преполната кино-сала, големиот Фистер зборуваше за почетоците, за неговиот развој како и за режисерите и останатите филмски професионалци со кои соработувал во неговата кариера.

„Многу на почетокот на кариерата, го запознав Јануш Камински во Лос Анџелес, станавме пријтели, тоа беше пред 35 години. Се дружевме, работевме на нискобуџетни филмови и на тој начин ги развивавме нашите вештини за кинематографија на нискобуџетни филмови. Беше прекрасно тоа што се „храневме“ меѓусебно. Си помагавме, работевме за Роџер Корман“, рече Фистер.
Тој вели дека во тоа време работел со речиси ич пари. Експериментирал, учел повеќе за светлото.
„Поминав години со камера на рамо на нискобуџетни филмови. Сфатив дека целото искуство е вредно. Но, сè што правиш, твоите способности и вештини, на крајот ќе се исплатат“, потенцира Фистер.
Раната кариера на Фистер вклучувала снимање за МТВ, еротски трилери и филмови на Роџер Корман, каде што се усовршувал и учел ефикасни техники на осветлување.
„Да, работевме во златната ера на еротски трилери. Влегов во овие води поради Роџер Корман, овие жанрови се од раните 90-ти години, именувани како еротски трилери. Во тоа време немаше HBO, немаше стриминзи. Сè додека имаше хоум видеа, тој бизнис беше силен“, додаде Фистер.
За филмот Laurel Canyon (2002) кажа дека буџетот бил седум милиони долари.
„Режисерката на тој филм, Лиса, е многу талентирана. Јас сум музичар, тоа е моја голема страст и кога го прочитав сценариото, многу бев среќен. Јас буквално ја ставив мојата душа во фотографијата на тој филм, зашто сцените, музиката и приказната беа прекрасни“, кажа Фистер.

Тој зборуваше за филмовите Memento (2000), Insomnia (2002), Inception (2010), The Granny (1995), The Unborn (1991).
„Insomnia го снимивме во 2001 во Аљаска. Режисерот крис имаше супер идеи за простор и време. Ал Пачино, Робин Вилијамс, Хилари Свенк, завршија одлична работа“, вели Фистер.
Валтер Ц. Фистер (роден на 8 јули 1961 година), е американски режисер и поранешен кинематографер. Најпознат е по неогвото партнерство со Кристофер Нолан, работејќи како кинематографер во сите негови филмови од 2000 до 2012, со неговата работа во Inception (2010), заработувајќи Оскар за најдобра кинематографија.
Фистер потоа направи транзиција во кариерата како режисер, дебитирајќи со Тranscendence (2014). Потоа, работел најмногу реклами и телевизија, вклучувајќи епизоди на Flaked и The Tick.