Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Од февруари, кога МВР го презеде ВМРО-ДПМНЕ, опожарени се над 35 возила низ државата

Палењето возила стана секојдневна пракса изминатиов период, откако викендов изгореа две возила на паркинг во Центар.

На 22.09.2024 во 05.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг простор на подрачјето на Центар настанал пожар во патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, а од пожарот било зафатени и патничко возило „ауди“.

Со овие две возила, од февруари оваа година, што се совпаѓа со преземањето на МВР од ВМРО-ДПМНЕ, како дел од техничката влада и потоа кога Панче Тошковски ја продолжи министерската функција и како дел од политичката извршна власт, од извештаите во медиумите може да се забележи дека опожарени се најмалку 35 возила низ државата.

Она што посебно паѓа в очи е дека дел од опожарените возила биле во сопственост на сегашни и поранешни функционери, луѓе од полицијата и судството.

Во мандатот на Тошковски како технички министер, на територијата на Македонија изгореа најмалку 15 возила, помеѓу кои и на јавна обвинителка од Прилеп, Марјана Илиеска. Нејзиното возило беше опожарено на приватен паркинг, кога сторителите влегле во гаражата, го полеале возилото со запаливо средство и го запалиле.

Запален беше и автомобилот на судијата и член на Судскиот совет Мирсад Сурјои од Куманово.

По изборите и реизборот на Тошковски како министер за внатрешни работи на тероторијата на државата изгореа уште најмалку 20 возила, а граѓаните велат дека се загрижени за својата безбедност.

Откако на крајот на август изгореа две возила на паркинг кај „Три бисери“ во Аеродром, граѓаните пред камерите на телевизиите реагираа дека не се чувствуваат безбедно и дека е лоша глетка. Тогаш граѓаните сведочеа дека слушале неколку експлозии, пукања и трошање.

Помеѓу запалените изминатиов период е и тоа на Драган Митковски, близок соработник на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Неговото возило беше опожарено во општина Ѓорче Петров.

Освен возилата на луѓето од судството и политиката, се палат и возила и на инспектори од МВР. Во септември беше опожарено возило во сопственост на инспектор во единицата за недозволена трговија при МВР, исто така во Ѓорче Петров.

Најголемиот дел од опожарените возила изминатиов период  се на територијата на Град Скопје, а зачестеното палење на возила на јавни паркинзи влева страв и несигурност кај граѓантите, како за нивните возила, така и за општата безбедност во градот.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново