Од фотеља во фотеља, обвинетата Димитровска се враќа во Државниот завод за ревизија

Татјана Димитровска, до петокот претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, утрово повторно е на платниот список на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Од институцијата за Телма потврдија дека ѝ е активирано старото работно место – помошник на главниот државен ревизор – што ѝ стоеше во мирување од 2019 година, кога беше избрана во антикорупциското тело.

Преселбата се случува во рекордно краток рок. Веднаш откако во петокот ја депонираше оставката, Димитровска беше „одјавена“ од системот на ДКСК. Во понеделникот, пак, до ДЗР стигнало нејзино барање за враќање на работното место, по што раководството експресно го одобрило реангажманот.

Оставката ја поднесе по објавувањето на обвинението за „оддавање службена тајна“ и „компјутерски фалсификат“ во истрагата „Адитив“. Обвинителството тврди дека на лицe коe се товари во случајот му се предале конфиденцијални документи од истрагата, што Димитровска досега го негираше.

Нејзиниот адвокат, Владимир Туфегџиќ, во понеделникот до Кривичниот суд доставил барање постапката против Димитровска да се раздвои од главниот предмет. Во поднесокот, во кој се повикува на член 29 од Законот за кривична постапка, адвокатот наведува „целесообразност, економичност и ефикасност“, со аргумент дека дејствијата што ѝ се ставаат на товар немаат врска со суштината на „Адитив“. Судот допрва треба да се изјасни.

Со самото враќање во ДЗР, Димитровска избегна да остане без приход. Помошта на главниот ревизор, според систематизацијата, вклучува високо рангирана плата и можност за директно учество во ревизорски тимови.

Случајот привлекува внимание не само поради можната кривична одговорност, туку и поради прашањата за интегритетот на институциите. ДКСК сега останува со едно испразнето место, а Собранието треба да избере нов член и потенцијален наследник на функцијата претседател со повеќегодишен мандат.

Во меѓувреме, Димитровска се враќа во ревизијата – сектор во кој веќе има долгогодишно искуство – додека правосудните органи ќе решаваат дали ќе одговара за кривично дело што самата, до неодамна, требаше да го спречува преку антикорупциските механизми.

Зачлени се на нашиот е-билтен