Од грантови до заплени: дали владата ја субвенционира канабис-мафијата?

Канабис

Заплената на пет тони „македонска“ марихуана во Србија и над 27 тони во Скопје и Струмица, кои како што јави денеска (7 февруари) МКД.мк, се зголеми за уште 21 тон во акција во Ново село, струмичко, ја отвора најнезгодната дилема за актуелната влада: дали државата, преку лиценци, закони и дури неповратна помош, фактички финансира и политички легитимира бизниси кои делумно живеат од црниот пазар, надвор од сериозна контрола.

Историска заплена и „легален“ криминал

Српските власти во јануари објавија рекордна заплена од околу пет тони марихуана, за која јавно беше кажано дека потекнува од Северна Македонија и дека е поврзана со компании со лиценца за медицински канабис. Само неколку дена подоцна, македонската полиција одзеде над 27 тони марихуана во кругот на поранешен ОХИС и во струмичкиот регион – најголема заплена во историјата на земјата – повторно во објекти поврзани со фирма регистрирана за одгледување и преработка на лековити растенија.

Истрагите покажуваат сомнеж за злоупотреба на лиценци за медицински канабис. Дел од производството, наместо во фармацевтски синџири, завршувало во нелегална трговија преку регионот. Така, најавуваната развојна индустрија за медицински канабис практично последниве години се претвора во совршен параван: на хартија регуларен бизнис, во реалност канал што лесно комуницира со организиран криминал.

Државна поддршка и потфрлена контрола

Во последните години, владите систематски го отворија пазарот за одгледување и извоз на сув цвет од канабис, најавувајќи сериозни приходи и дури и специјален закон за контрола и за 10% удел од добивката во буџетот. Истовремено, актуелната владаа обезбедува канали за државна помош , грантови, субвенции, даночни олеснувања, за компании што произведуваат канабис или сув цвет како „стратешка“ грaнка, без да покаже дали постои ригорозен филтер кој ја разликува одржлива фармацевтска дејност од ризични конструкции на работ на законот.

Како што објави економскиот портал „Фактор“, фабрики за одгледување цвет од канабис за медицински цели во изминатиот период добиле значителна неповратна државна помош. Според нивната евиденција, само во последните денови од минатата година и првите недели од 2026 година, кон неколку компании од оваа дејност се слеале милионски износи во денари, односно стотици илјади евра државни средства за поддршка на нивните инвестиции. Притоа, износите по поединечна фирма се движат од неколку стотици илјади евра во форма на неповратна помош и кофинансирање, што значи дека државата во овој сектор не е само регулатор, туку и значаен финансиски покровител.

Тука се отвора клучното прашање: ако системот на контрола беше стабилен, како е можно пет тони марихуана да излезат од земјата и 27 тони да бидат „откриени“ дури откако соседна држава подигна скандал? Дали институциите реагираа затоа што навистина функционираат или затоа што веќе било невозможно да се прикрие проблемот кога српските служби јавно го обелоденија случајот?

Владата како ризичен „инвеститор“

Актуелната влада сака да изгледа како модерна администрација што поддржува нови индустрии, отвора работни места и донесува девизи, но дел од тие компании, со лиценци и државни поттици, сега се наоѓаат во средиштето на најголемиот скандал со дрога во историјата на државата. Дури и ако некои од нив формално не се инволвирани во конкретните заплени, самата архитектура на системот покажува дека државата е спремна да вложува во сектор чија контрола очигледно не ја држи во свои раце.

Ова води до серија непријатни прашања кон владата:

  • На каква проверка и „due diligence“ се изложени компаниите што добиваат државна помош во канабис-индустријата?
  • Кој и како проверува дали производството навистина завршува во медицински и фармацевтски текови, а не во магацини за шверц и во камиони кон Србија и понатаму?
  • Дали некој службеник сноси одговорност кога компанија со лиценца и евентуална државна поддршка ќе се појави во обвинителни акти за организиран криминал?

Ако одговорите останат магливи, тогаш државната поддршка за „медицински канабис“ престанува да биде развојна политика и почнува да личи на ризичен инвестиционен фонд во кој јавните пари субвенционираат дејности што делумно функционираат надвор од закон.

Потреба од одговори, не од PR

Премиерот и министрите засега испраќаат пораки дека државата води „безкомпромисна борба со нарко-мафијата“, но токму таа мафија во овој случај се крие зад дозволи, лиценци и складови кои институциите ги гледале и игнорирале со години. Не е доволно да се појават камери пред магацините и да се прогласи победа; јавноста има право да знае: кој ги потпишал дозволите, кој потврдил дека производството е „медицинско“, и дали некој од тие потписи паралелно поддржал и државна помош за истиот сектор.

Без независна ревизија на сите дадени лиценци, на сите договори за државна помош во канабис-секторот и на целата институционална вертикала што дозволила 32 тони марихуана да циркулираат меѓу „легални“ и нелегални канали, владата станува главен политички осомничен актер, не како директен организатор на криминал, туку како покровител на ризични бизниси надвор од ефективна контрола. Наместо PR-пораки за „рекордна заплена“, потребни се конкретни одговори: колку од овој систем владата свесно го толерирала и дали воопшто има волја да го исчисти пред следниот скандал да покаже дека денешните заплени не се исклучок, туку правило?

Зачлени се на нашиот е-билтен