Од јануари Владата ќе ви каже колку пари ви требаат за живот

Мицкоски

Од 1 јануари 2026 година Владата најавува дека ќе започне со пресметка на „просечна потрошувачка кошничка“ за најмалку четиричлено семејство, паралелно со синдикалната минимална кошничка што со години ја објавува Сојузот на синдикати на Македонија. Најавата доаѓа во момент кога синдикалните бројки повторно ја отвораат истата стара рана: цените растат, а платите каскаат, па јавната расправа за минималната плата се претвора во спор околу тоа кој има „пореална“ мерка за преживување.

Синдикалната минимална кошничка за декември изнесува 65.492 денари, со зголемување од 319 денари во однос на ноември. Најголемата ставка и натаму е храната – 23.648 денари, или 36,1 отсто од вкупните трошоци, сума што речиси ја допира минималната плата во државата, која од април 2025 година изнесува 24.400 денари. Во таа симболика синдикатите ја градат клучната теза: ако храната „ја јаде“ целата минимална плата, тогаш разговорот за животен стандард веќе не е економска статистика, туку прашање на преживување.

Од ССМ предупредуваат дека на дневниот ред на Економско-социјалниот совет, закажан за 22 декември 2025 година, нема јасно поставена точка за платите, а темата би се отворила „под разно“. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, најавува дека ќе инсистираат на аргументирана расправа за минимална плата од 600 до 700 евра и дека ниските плати, во комбинација со високите цени, го туркаат нагоре и прагот на сиромаштија. Во таков контекст, владината „просечна кошничка“ неизбежно се чита и како политичка алатка во битка за рамката: дали во јавноста ќе доминира минималната кошничка која покажува што е потребно за минимум, или просечната која може да покаже сосема поинаква слика.

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески најави дека владината пресметка ќе се темели на податоци од најголемите маркети, цените на основните прехранбени производи и трошоците неопходни за „просечен живот“, со вклучување регионални разлики и сезонски карактеристични производи кај овошјето и зеленчукот. Формално, аргументот е дека државата ќе добие индикатор што може да служи како основа за економски политики и мерки за зачувување на животниот стандард.

Суштински, меѓутоа, новата пресметка отвора серија прашања што не се технички, туку довербен проблем. Ако една „просечна кошничка“ стане официјалниот наратив, ќе значи ли тоа дека државата ќе почне да ја релативизира синдикалната кошничка како „премногу висока“, или дека ќе се обиде да го смени фокусот од минималната плата кон статистички просек што полесно се „брани“ во јавноста? Ќе се објави ли методологијата, листата на производи, пондерите и изворите на податоци, и дали ќе има независна верификација, или граѓаните ќе добијат уште една бројка што ќе мора да ја „веруваат“?

Судирот на кошнички, во суштина, е судир на две дефиниции за реалноста. Синдикалната минимална кошничка инсистира на минимум што треба да го обезбеди платата за да се преживее. Владината просечна кошничка најавува мерка за „просечно“ семејство и „просечен“ живот, во земја во која просекот одамна не е гаранција дека мнозинството живее просечно. Во таа разлика се крие и главната дилема: дали од 1 јануари ќе добиеме дополнителен инструмент за појасна социјална политика, или ќе добиеме државна бројка што ќе ја заматува расправата за платите токму во момент кога таа расправа најмногу боли.

Зачлени се на нашиот е-билтен