Европската унија од 1 јули 2026 воведува привремена царинска давачка од 3 евра за стоките што влегуваат во Унијата во мали пратки со вредност до 150 евра. Мерката најдиректно ги погодува платформите како Тему, Шеин и АлиЕкспрес, кои со години го користат моделот на директни испораки до купувачите, но правилото не важи само за нив, туку за сите такви увози од земји надвор од ЕУ.
Клучната разлика е што давачката не се пресметува едноставно „по пакет“, туку по различна категорија на производ во пратката. Тоа значи дека ако во една пратка има, на пример, два различни типа артикли што спаѓаат во различни царински категории, давачката може да биде и повисока од 3 евра. Советот на ЕУ наведува дека оваа привремена мерка ќе важи од 1 јули 2026 до 1 јули 2028, односно додека не профункционира новиот европски царински дата-хаб, по што ќе почнат да важат редовните царински тарифи и за стока под 150 евра.
Причината за новото правило е наглиот раст на евтините пратки што влегуваат во ЕУ. Европската комисија објави дека во 2024 година во Унијата влегле околу 4,6 милијарди мали пратки, или околу 12 милиони дневно, што е двојно повеќе од претходната година. Советот на ЕУ наведува дека 91 отсто од тие пратки доаѓале од Кина, а Ројтерс објави дека бројката во 2025 пораснала на 5,8 милијарди.
Брисел ја образложува мерката со неколку причини: нелојална конкуренција за европските продавачи, зголемен притисок врз царините, измами со потценување на вредноста и безбедносни ризици за потрошувачите. Европската комисија во февруари соопшти дека многу од овие производи не се усогласени со европските правила, а во посебна контрола објавена во март се наведува дека 65 отсто од проверената козметика и 60 отсто од личната заштитна опрема купена онлајн не ги исполнувале стандардите на ЕУ.
Во меѓувреме, ЕУ оди и чекор понатаму. На 26 март Европскиот парламент и земјите членки постигнаа договор во пошироката царинска реформа според која онлајн платформите ќе се третираат како увозници и ќе бидат одговорни и за царините и за безбедноста на производите. За повторени прекршувања се предвидени и казни од 1 до 6 отсто од годишната продажба во ЕУ. Ројтерс објави и дека покрај оваа давачка од 3 евра, Европската комисија треба да утврди и дополнителна „handling fee“, која треба да почне да се применува најдоцна од 1 ноември 2026.