Од 7 јули 2026 година, сите нови патнички автомобили и лесни комерцијални возила што првпат ќе се регистрираат во Европската Унија ќе мора да имаат вграден „сигнал за итно запирање“ – нова функција на стоп-светлата што треба побрзо и појасно да ги предупреди возачите позади дека возилото нагло кочи и дека постои зголемен ризик од судир одзади. Новината е дел од поширокиот пакет правила за општа безбедност на возилата, со кои ЕУ постепено воведува задолжителни активни и пасивни системи за зголемување на безбедноста на патиштата.
Според објаснувањето на регулативата, при силно кочење – типично на повисоки брзини (во пракса најчесто над 50 км/ч) – задните стоп-светла ќе почнат да трепкаат неколку пати во секунда, за да се разликува „итното кочење“ од вообичаеното забавување и да се добие дополнителна секунда-две реакција кај возачот што доаѓа одзади. Кога возилото ќе запре по вакво нагло забавување, системот автоматски ќе ги активира и предупредувачките трепкачи, а стоп-светлото ќе остане вклучено додека трае опасната ситуација.
Клучниот ефект што го таргетира ЕУ е намалување на бројот на удари одзади – особено на автопат и на магистрални правци, каде разликите во брзина и неочекуваното кочење најчесто завршуваат со ланчани судири. Во техничките правила, ваквата функција е позната како „emergency stop signal“ и е врзана со стандарди за инсталација на светлосна сигнализација на возилата.
Новото правило важи само за нови возила. Постојните автомобили на граѓаните и фирмите не треба да се доградуваат или модифицираат. Практично, без оваа функција возилата нема да можат да ја поминат потребната хомологација/тип-одобрување за пазарот на ЕУ, што значи дека производителите ќе мора да ја имаат како стандарден дел од опремата кај новите модели и новите испораки.