Од мачење и прогон до книжевна слава: Ахмет Умит за бурниот живот, преживеаните куршуми и борбата со смртта

Годинашниот специјален гостин на фестивалот Букстар 2025, славниот турски писател Ахмет Умит, во интервју за Рацин.мк зборува отворено за личните трауми, политичките прогони и искуствата што го обликувале како автор. „Мојот живот беше крајно бурен – исполнет со политички настани, тежок, бев мачен, прогонуван, застрелан, мошне блиску до смртта. Сето тоа неизбежно се влеа во моето пишување,“ вели Умит.

Авторот на познатите романи за инспектор Невзат нагласува дека во неговата литература женските ликови играат суштинска улога, бидејќи „жените се совеста на општеството, тие ја носат светлината и човечноста во мрачниот свет на злосторствата и неправдите“. Токму затоа, додава Умит, неговите приказни никогаш не се само за криминалот, туку за целото општество и за борбата на поединецот со неправдата и насилството.

Рацин: Вашите романи за инспектор Невзат прикажуваат не само криминал, туку и современото турско општество. Што сакате читателите да почувствуваат?

Умит: Да, главниот инспектор Невзат не го создадов само како полицаец. Да, тој е полицаец, но пред сè е човек. А затоа што е човек, тој ги поседува и сите заеднички карактеристики на сите нас. Тој живее во Истанбул и секако ги има сите карктеристики на жителите на Истанбул. Но, тој е човек со совест. Целата работа е во тоа што тој е најпрво човек со совест, а потоа полицаец, и поради тоа тој понекогаш може да излезе од рамките на законот. Како совесен човек тој е свесен дека овие закони не можат да ја обезбедат правдата, така што тој е карактер што останува лојален и на законите, но најмногу на својата совест. Се разбира тој е карактер што проживеал, што ги изгубил сопругата и ќерката во експлозија на бомба и кој многу години подоцна повторно се вљубува. Тој е човек полн со татковска љубов. Тој никогаш не е суперхерој, прави и грешки, но на крајот секогаш ги решава случаите на убиства заедно со неговите пријатели.

Рацин: Вашиот главен лик инспектор Невзат се соочува со трагедии, криминал и мафија. Која е неговата најголема борба според вас – личната или социјалната?

Умит: Во последниот роман, Кога напаѓаат птиците грабливки, додека главниот инспектор Невзат од една страна се бори со силите, односно со организациите што се од другата страна на законот, истовремено сфаќа дека оваа негова борба е и борба за да ги најде убијците на неговите жена и ќерка, за што дотогаш не бил свесен. Всушност овој проблем треба да се објасне вака: ако во некоја држава се случуваат некакви незаконски дејствија и се случува неправда, тоа порано или подоцна, ги допира и им штети на жителите на таа држава. Во овој роман, за жал, инспекторот Невзат настрадал од тоа беззаконие во државата, од кражбите, корупцијата и убиствата што ги прават валканите полицајци. Така што борејќи се против нив тој ја извршуваа својата должност кон општеството, но истовремено им се одмаздува и на виновниците за неговата лична несреќа.

Рацин: Од кој лик е инспириран Невзат?

Умит: Создавајќи го ликот на главниот инспектор Невзат, бев инспириран од два турски филма. Во едниот филм има лик што се вика господин Мухсин, улога што ја толкува големиот турски глумец Шенер Шен. Овој лик е стар истанбулец, човек што не може да се прилагоди на новиот поредок и тој лик ми остави впечаток. А вториот филм е „Ах, убав Истанбуле“, во кој тоа е ликот што го толкува глумецот Садри Алишик. Тоа е повторно лик на истанбулец, богат, од видно семејство, што подоцна осиромашува и кој сепак се обидува да ги задржи своите вредности. Но, светот се сменил и тој ја губи надежта. Третиот лик е вистински, тоа е еден полицаец, началник на полиција на Адана, Анадолиската област, Џеват Јурдакул, кој што бил убиен од страна на терористите, односно фашистите. Значи би можел да кажам дека  градејќи го ликот на инспекторот Невзат ми помогнаа два измислени филмски лика и ликот на еден вистински човек, полицаец.

Рацин: Вашите ликови честопати се во студена, апатична средина, но љубовта и семејството ги носат светлината. Кој е вашиот омилен момент на таа контрастност?

Умит: Невзат е човек што се бори со злосторници и притоа се среќава со најлошите човечки особини, се среќава со нивните лаги, измами, бруталности, убиства и тоа е секако нешто што многу негативно дејствува врз човечката психа. Но, тоа секако го има кај реалните луѓе. Од друга страна тој е опкружен со блиски луѓе како што се неговата сакана Евгенија, неговиот помошник Али и Зејнеп, со кои создал врска што се темели на силна љубов, доверба, добрина, истрајност. И затоа тој ги заштитува своите пријатели и своето семејство, за да ги спаси од страшната, немилосрдна борба што се води надвор. Тој е како вистинско пристаниште во кое ги засолнува своите најдраги од бурата што беснее. И така создадов контраст меѓу овие две нешта. Во романот постојано има насилство и напнатост и сметав дека и читателите, а и ликовите треба да се одморат и да здивнат за време на сета таа напностост, за време на сите тие интриги и затоа во романот постои оваа спротивност.

Рацин: „Farewell, My Beloved Homeland“ ги следи љубовта и историјата на последните денови на Османлиската империја. Што ве привлече да пишувате за таа ера?

Умит: Оваа книга е всушност за крајот на Османлиите. Османлиската Империја завршува и овој механизам веќе не дејствува како Империја. И треба да се појави некаков термин за нацијата и оваа книга раскажува за тоа. Јас, всушност, сум писател што пишува за теми што сакам да ги научам. Во овој период кај нас се појавува една организација која се вика Комитет за единство и прогрес и оваа книга е токму за историјата на таа организација. Овде вистинското подрачје на кое се случува дејството е Балканот, Солун, Македонија, Битола, Скопје, Ресен. И затоа сакав да го опишам тој регион и да го романизаирам тој период од крајот на Османлиската Империја. Значи, зборуваме за држава која е веќе на својот крај. Нациите веќе се отцепуваат, една по една и објавуваат независнот. И Османлиите од монархија треба да станат Република, што е веќе многу задоцнет проект. Ете, ова е опис на тој период и овој регион во стилот на роман.

Рацин: Истанбул е често жив град во вашите романи. Кои локации ви се најголема инспирација и зошто?

Умит: Место што ми остава најголем впечаток во Истанбул е Бејоглу, или авенијата Истиклал. Местото каде што биле малцинствата. Во Бејоглу некогаш се наоѓале Грци, Евреи, Ерменци, народи што не биле муслимани и затоа тоа било место на многубројни култури. Тоа е мошне мал простор, но тука се наоѓале разни христијански цркви, џамии, синагоги и затоа е многу интересно. Освен Бејоглу, вниманието ми го привлекуваат и квартовите како Куртулуш и Балат, кои ги носат трагите на историскиот Истанбул, на оној стар, древен Истанбул. А секако, и Истанбул во ѕидините, она што го нарекуваме стариот Истанбул. тука има премногу нешта кои го правеле токму Истанбул престолнина и на Римската, а и на Османлиската Империја. Значи, зборувам за стариот Истанбул, таму се сите историски зданија, на пример: Старата палата, Османлиската палата, таму е и старата римска палата, таму е и Аја Софија, таму се римските цистерни, како и многу џамии и затоа овие места во Истанбул ми се многу интересни.

Рацин: Како вашите лични патувања и искуства со младешките политички идеи се одразуваат во вашето пишување?

Умит: Всушност повеќето романи што ги пишува еден писател се создадени од неговите лични искуства, информациите што ги насобрал, неговите чувства. Секако, така и јас најпрво пишувам врз основа на сопствениот живот. Мојот живот беше крајно бурен живот, беше полн со политични настани и тежок, бев мошне блиску до смртта, живеев во прогон, бев мачен, бев застрелан итн., и се разбира. пишувајќи, сето тоа има влијание на некој начин. Многу е битно да се знае што чувствува човек кој се среќава со смртта, кој е меѓу животот и смртта и кога треба да се реши меѓу вербата и откажувањето. Исто така, многу важни се и патувањата, бидејќи се запознавате со различни култури, се среќавате со луѓе од различни националности, со различни јазици, со различни религии и од нив учите многу нешта. И сè додека живеам и творам, сето ова ќе има големо влијание.

„Во суштина, литературата е оружје против заборавот,“ вели Умит. „Пишувам за злосторствата, за неправдите, за темнината – не за да ја величам, туку за да потсетам дека постои и дека не смееме да ја игнорираме. Ако барем еден читател се замисли, ако барем една жена во моите романи ја препознае својата сила, тогаш знам дека моите рани, болките и искуствата имале смисла.“

Специјална благодарност до преведувачката Анета Матовска која го преведе интервјуто!

Зачлени се на нашиот е-билтен