Од оваа недела Европската унија воведува нов систем за контрола на влез и излез – EES (Entry/Exit System), кој целосно ќе го замени старото печатење на пасошите.

Со новиот систем, патниците од земји што не се членки на ЕУ ќе мора при првиот влез во Шенген зоната електронски да остават биометриски податоци – отпечатоци од четири прста и фотографија. Сите податоци ќе се чуваат во европска база, а при следните патувања влегувањето ќе биде побрзо.
Европската агенција Frontex разви и мобилна апликација „Патување во Европа“ преку која патниците однапред ќе можат да ги внесат податоците и така да го скратат времето на гранична контрола.
Сепак, се очекува во првите месеци да има застои поради прилагодување на системот, па времето на чекање може да се зголеми до пет минути по патник.
Новиот систем ќе се применува во 29 европски земји, вклучувајќи ги и Швајцарија, Норвешка, Лихтенштајн и Исланд, додека Велика Британија, Кипар и Ирска засега нема да го користат.
EES ќе обезбеди повисока безбедност, спречување на злоупотреби со визи и полесен премин за редовните патници. Целосната примена се очекува до април следната година.