Од тоа да ја снема техничката влада, нема да учествуваме во неа па се до тоа нема да гласаме за техничкиот премиер, вчера од седиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ конечно „излезе бел чад“.
Тие преку нивниот потпретседател, воедно и градоначалник на општина Аеродром Тимчо Муцунски ги објавија кандидатите за министри и дополнителни министри во техничката влада.
Од сите објавени имиња, тоа што се издвојува е Ѓоко Велковски, како кандидат за министер за труд и социјална политика.
Кој е Ѓоко Велковски?
За Велковски најпрво се оспоруваше дека е именуван секретар на Град Скопје додека ја извршува функцијата советник на скопската општина Чаир.
Медиумите тогаш пишуваа дека во случајот постои конфликт на интереси, што е спротивно на член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, каде се тврди дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција, која ја врши со други функции.
Пред да стане ген-сек на Град Скопје, Велковски се најде на мета на СДСМ, која го спореше токму неговото именување на функцијата генерален секретар на Градот. Од владејачката партија во мај 2022 година посочија дека тој не може да биде избран на оваа функција бидејќи е актуелен член на Советот на Општина Чаир од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата побараа Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да отвори предмет за случајот, а Велковски да избере дали ќе поднесе оставка од генерален секретар или ќе се повелече од советничкото место во Општина Чаир.
Документите, покажуваа дека Велковски како секретар на Град скопје зема плата од 50.000 денари, додека како советник во Чаир 18.000 денари.
Во финансиските извештаи може да се забележи дека тој донирал 50.000 денари за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, но затоа пак уште 108.000 денари донирал за последните локални избори, поточно за кампањата на Арсовска како независен градоначалник на Скопје.
Сè уште се свежи објавите кога стана генерален секретар на Град Скопје. На фунцкцијата остана до средината на септември 2022 година, кога даде оставка од позицијата, а од администрацијата на Арсовска, пак, сооштија дека бил разрешен, поради негово влијание во спорна тендерска постапка за изградба на пречистителната станица во вредност од 136 милиони евра, средства обезбедени од ЕБОР и ЕИБ, или по познато „фатени со рачињата во медот“.
Во соопштението се наведуваа дека причината е во нивното самоволие и влијание во постапката за тендер за изградба на прочистителна станица. -Од функцијата Секретар на град Скопје, во петокот разрешен Ѓоко Велковски, а причина за разрешувањето е неговото влијание во спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ. Велковски, во петокот е разрешен заедно со в.д директорот на ЈП „Водовод и Канализација“ – Скопје Златко Перински поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер, гласеше тогаш соопштението на Град Скопје
Од Кабинетот на Арсовска порачаа дека Градот Скопје нема да дозволи расипничко трошење на парите на скопјани, ниту финансирање на лични и теснопартиски интереси.
Смената на Велковски, но и на други лица од директорските функции на јавни претпријатија под надлежност на Град Скопје, го означија разидувањето на Арсовска со ВМРО-ДПМНЕ, партијата со чија помош дојде на градоначалничката функција.
Велковски тогаш ги отфрли обвинувањата на Арсовска како клеветнички и најави тужба против градоначалничката.
Велковски рече и дека сам се повлекол поради разочараност од слабиот потенцијал и несоработката со градоначалничката која покажувала затвореност, слаба динамика и поинакви приоритети од ветените. Најави дека ќе продолжи да придонесува за градот преку советничкото место во Општина Чаир.
Инаку опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера ги соопшти имињата кои ќе бидат дел од техничката влада. На чело на Министерството за внатрешни работи е предложен Панче Тошковски, за нов дополнителен заменик министер за финансии е предложена Елена Петрова, Ѓоко Велковски е нов предлог за кандидат за министер за труд и социјална политика. А за дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација е предложен Стефан Андоновски, досегашен меѓународен секретар на партијата и советник во Советот на Град Скопје. Цветан Трипуновски за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Назми Абдурахмани (Градска)