Од Скопје до никаде, густата магла ги парализираше сите летови

Густа магла целосно го блокираше утринското сообраќајување на Меѓународниот аеродром Скопје – сите летови беа откажани. Меѓу нив се летовите на „Визер“ кон Дортмунд, Брисел, Париз, Љубљана, Базел, Меминген и Венеција, како и летовите на „Кроација ерлајнс“ до Загреб и „Туркиш ерлајнс“ до Истанбул.

Во моментов на аеродромот нема ниту еден авион. Шесте авиони на „Визер“ базирани во Скопје вчера не успеаја да слетаат дома и беа пренасочени на аеродромите во Приштина, Софија, Тирана, Солун и Охрид. Денес екипажите патуваат кон овие градови за да ги враќаат патниците и да ги извршат откажаните летови.

Вчера поради маглата, само три авиони успеаја да слетаат и подоцна да полетаат, додека сите други летови беа откажани или пренасочени. Видливоста падна на помалку од 100 метри, далеку под стандардите за инструментално слетување на скопскиот аеродром.

Според УХМР, маглата и променливото време ќе продолжат во Скопје во наредните три дена, па патниците треба да бидат подготвени за можни нови откажувања на летови.

Зачлени се на нашиот е-билтен