Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Од тимот на Трамп се оградија од расизмот, а Харис утре се обраќа во Елипса, местото од кое започна јуришот на Капитол во 2021

На само осум денови пред изборите, Доналд Трамп и Камала Харис ги прават последните обиди да привлечат гласови на свое конто. Харис оди во Мичиген, клучна „превртлива“ држава, а Трамп е во Џорџија каде републиканците имаат силно упориште. Двајцата неделава ќе одржат заклучни обраќања, потпретседателката во Вашингтон од местото каде започна кобниот 6 јануари, а поранешниот претседател ќе има уште неколку настани во Њујорк, неговиот роден град.

Инаку, изборниот штаб  на Трамп се огради од коментарите на комичарот Тони Хинчклиф за Порторико кој на неговиот митинг синоќа во Медисон Сквер Гарден американската карипска територија ја спореди со „пловечки остров од ѓубре“.

Демократската парламентарка од Њујорк, Александрија Окасио-Кортез, која е со потекло од Порторика, остро ги осуди ваквите коментари. Претседателот Џо Бајден Бајден, кој гласаше синоќа во Делавер, го нарече митингот на Трамп во Њујорк „едноставно срамен.“

-Оваа шега не ги рефлектира погледите на претседателот Трамп или на кампањата, изјавија од штабот на Трамп.

Од штабот на Харис пак изјавија дека под нејзино водство островот ќе добие нова електродистрибутивна мрежа. Претходно вчера Раперот Бед Бани го претстави планот на Харис на социјалните мрежи.

Во меѓувреме, канцеларијата на окружниот обвинител на Филаделфија се обидува да го блокира раздавањата што ги прави Илон Маск во висина од еден милион идлари како парична награда за регистрираните гласачи. Бајден го критикуваше Маск за ова и рече дека овој потег бил „непримерен“. Инаку, Министерството за правда најави можна истрага во врска со ваквите исплати и дека ова можеби ја прекршува изборната регулатива на САД.

Додека Трамп планира да митингува уште еднаш во Њујорк каде треба да даде заклучен говор, Харис најави дека своето „заклучно обраќање,“ ќе го одржи утре кај местото наречено Елипса во близина на Белата куќа. Истото место од каде на 6 јануари 2021 година Трамп ги повика неговите продржувачи да го запрат сертифицирањето на претседателските избори што се одржаа два месеца претходно, кога гневна толпа упадна во Капитол и направи огромни штети при што загинаа неколку лица.

Од Вашингтон, специјално за Рацин.мк, Борис Камчев

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново