Раководството на парискиот музеј Лувр го отстрани од својата официјална веб-страница слоганот за добредојде „Побегнете во Лувр“, само четири дена по спектакуларната кражба во која беа украдени осум парчиња накит од Галеријата Аполо.
Слоганот, воведен во 2021 година, е заменет со едноставниот натпис „Музеј Лувр“, пишува Фигаро.
На 19 октомври четворица крадци пристигнале пред музејот со скутер и комбе, а потоа ја извеле кражбата користејќи механички скали монтирани на возилото за да се искачат до галеријата.
Проникнале во објектот така што ги исекле безбедносните стакла и однеле девет предмети од непроценливо културно значење. Еден од нив, круната на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III, бил пронајден на самото место – се претпоставува дека ѝ паднал на групата за време на бегството.
Украдените предмети потекнуваат од 19 век и припаѓале на француското благородништво, украсени со илјадници дијаманти и други скапоцени камења.
На сослушувањето пред Сенатската комисија за културни прашања, директорката на Лувр, Лоранс де Кар, призна дека имало пропусти во надворешниот систем за надзор и предложи нови мерки, меѓу кои и полициска станица во рамките на музејот.
Таа додаде дека надворешниот видео-надзор пред музејот е крајно неадекватен, па доаѓањето на крадците не било забележано навреме.
Штетата од кражбата на накитот изнесува околу 88 милиони евра, изјави пред два дена париската обвинителка Лор Беко.
„Тоа е исклучително спектакуларна сума, но историската штета едноставно не може да се измери“, изјави Беко, пренесува Фигаро.
Интерпол претходно соопшти дека осумте украдени уметнички дела се внесени во меѓународната база на украдени уметнички дела (Stolen Works of Art database).
Во базата на Интерпол моментално се наоѓаат повеќе од 57.000 уметнички предмети од целиот свет, стои на веб-страницата на Меѓународната организација на криминалистичката полиција.


