Од внимавајте што посакувате до не ни се приоритет изборите

Во рок од нешто повеќе од два месеца, Христијан Мицкоски двапати ја употреби истата политичка формула кога опозицијата ја отвори темата за предвремени парламентарни избори: „не сакам избори“, но „внимавајте што посакувате“. На 26 октомври 2025, од партиски настан во Брвеница, порача дека не сака предвремени избори и дека опозицијата „понекогаш го добива тоа што го посакува“ – со предупредување „да не биде после лелекање“. На 4 јануари 2026, по обвинувањата на СДСМ дека „следуваат избори“ и дека Владата ќе „манипулира“ до нив, Мицкоски повторно одговори кусо: да се внимава што се посакува, бидејќи желбите знаат и да се остварат. А на 8 јануари 2026, ја подигна влоговната рамка: најави лидерска средба на 14 јануари и рече дека за Владата „темата е апсолвирана“ – приоритет не се изборите, туку реформите и проектите.
Анализира: Леон БАКРАЧЕСКИ

На прв поглед, јавноста тоа го чита како „пишманење“ – од навестување избори како можен исход, кон нивно одложување и политичко „заклучување“ на темата. Но ако се следи логиката на потезите, станува појасно дека не се работи за класична промена на став, туку за промена на функцијата што „изборите“ ја играат во неговата стратегија: од закана-аларм за дисциплинирање на опозицијата, кон алатка за префрлување на разговорот на терен што му одговара – реформска агенда, институционални промени и демонстрација на контрола.

Клучниот тригер е начинот на кој опозицијата ја „пакува“ 2026. СДСМ во своето соопштение ја врза економската тежина на годината со избори, тврдејќи дека Владата ќе купува мир до избори и дека потоа ќе следуваат уште поголеми проблеми. Во таа рамка, изборите не се само политички настан, туку објаснувачки механизам: сè што Владата прави „сега“ е привремено, а вистината ќе се појави „по изборите“. Мицкоски затоа одговара со најкраткиот можен контра-удар: „внимавајте што посакувате“. Тоа е фраза што истовремено остава врата отворена (теоретски избори се можни) и ја префрла одговорноста кај опозицијата (ако инсистира, сама си ги потпишува последиците). Така, наративот од „вие бегаате од избори“ се превртува во „вие ги провоцирате“.

Но во моментот кога темата почнува да се лепи за Владата како сомнеж – дека „нешто се подготвува“ – Мицкоски ја менува сценографијата: не дискутира повеќе за датум, туку за правила. И тука влегува најсилниот елемент: техничката влада и Законот за Владата. Со најавата за лидерска средба (и со јавното инсистирање дека сака консензус), премиерот ја става опозицијата во непријатен двоен клин. Ако опозицијата дојде, признава дека разговорот за укинување на техничката влада е легитимен и влегува во процес каде што власта има иницијатива. Ако не дојде, власта може да ја обвини за „неконструктивност“, а во јавноста да го продава тоа како одбивање на дијалог и реформи.

Токму затоа, на 8 јануари тој нагласува дека со 61 глас може и сам да го смени Законот за Владата и да ја избрише техничката влада, но дека сака „инклузивен процес“. Ова е класичен сигнал за моќ со дипломатска фасада: „можам без вас, но ви давам шанса да бидете дел“. Во политичка практика, ваквата позиција ја поткопува централната теза на опозицијата дека власта се плаши од проверка на легитимитет. Наместо тоа, власта покажува дека контролира и мнозинство и дневен ред, а изборите – ако дојдат – ќе дојдат по правила што таа сака да ги редефинира.

Зошто во оваа фаза нему не му одговараат предвремени избори, иако реторички ги користи како притисок?

Прво, изборите како „референдум“ за првата година од мандатот се ризик, не добивка. Во услови на нестабилни економски очекувања, секоја кампања ја зголемува цената на незадоволството: инфлација, сметки, јавни услуги, болници, поплави, кризи – сè добива форма на пресуда. Дури и кога власта верува дека ќе победи, предвремените избори ја враќаат политиката во режим на мобилизација, а реформите во режим на пауза. Ако тој сака да ја затвори темата „легитимитет“, логично е да ја затвори преку институционални потези (реформски закони, изборен законик, правосудни закони), не преку гласање што може да ја ресетира целата агенда.

Второ, изборите ја релативизираат неговата главна порака кон меѓународните партнери: стабилност и предвидливост. Кога премиер најавува лидерска средба „пред Давос“ и зборува за реформска агенда со позитивни мислења од Венецијанската комисија и канцеларијата на Европската комисија, тој гради профил на менаџер на процес, не на играч на кратки изборни циклуси. Политичка нестабилност на хартија ги качува ризичните премии, ги лади инвестициите и го прави секој договор поскап – што за влада што сака да се претстави како економски рационална е непотребен товар.

Трето, во домашната математика, предвремени избори не гарантираат решавање на клучните блокади. Дури и со нов мандат, прашањата што бараат пошироки мнозинства или политички консензус остануваат. Затоа тој инвестира во „консензусна сцена“: лидерска средба, омбудсман, изборен законик, правосудни закони. Тоа е обид да се произведе слика дека државата може да функционира со договор за системски теми, а не само со пребројување.

Четврто, укинувањето на техничката влада е политички меч со две острици. За власта, тоа е „нормализација“ – отстранување на модел на преодна власт што ја кочи администрацијата на секои избори. За опозицијата, тоа е симнување на контролни механизми токму во изборен период. Кога Мицкоски ја отвора оваа дебата, тој фактички ја отвора и дилемата: дали се подготвува терен за избори „со помалку кочници“. Оттука доаѓа сомнежот дека неговото „не сакаме избори“ е само јавна амбалажа. Затоа тој мора истовремено да ја турка реформата и да ја неутрализира интерпретацијата дека реформата е алиби за избори. Единствениот начин е да ја стави реформата во поширок пакет и да ја обои со европска агенда.

На крај, „внимавајте што посакувате“ не е само закана, туку и порака за внатрешна партиска дисциплина. Со неа премиерот праќа сигнал дека тој ја држи управувачката табла: изборите се опција, но само ако тој ја оцени како корисна. Во исто време, им праќа сигнал на своите дека агендата не смее да се клати по туѓи теми – ниту по опозициски провокации, ниту по медиумски шпекулации. Затоа, на 8 јануари тој ја „затвора“ темата: изборите се апсолвирани, фокусот е реформски.

Во ваков распоред, тврдењето дека „се премисли“ е половина од приказната. Поточната верзија е дека ја премести тежишната точка: кога изборите му служеа да ја заплаши опозицијата и да ја направи одговорна за евентуална ескалација, ги држеше во воздух како можност. Кога изборите почнаа да се лепат како сомнеж за сценарио, ги „спушти“ на земја и ги замени со повисока агенда – правила на играта и реформски пакет – каде што тој настапува како иницијатор, а опозицијата како кочничар ако одбие.

Зачлени се на нашиот е-билтен