Со положување цвеќе на спомен-обележјето во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, денеска беше одбележана 20-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски, членовите на делегацијата и екипажот на авионот.
Како што информира владината прес-служба, на спомен-обележјето кај Ротимље, каде што се случи несреќата, цвеќе положија претставници од владината делегација составена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање. Цвеќе положија и полковник Билјана Блажеска, претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, пратеници од македонското собрание, како и претставници од Армијата на Република Северна Македонија, ЕУФОР-БиХ.
Од име на Владата, а во чест и спомен на поранешниот претседател Борис Трајковски, пригодно обраќање имаше шефот на делегацијата, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
– Oва спомен-обележје не е само паметник на трагичниот миг. Ова е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината. Денес нашата земја е членка на НАТО и на дофат ѝ е членството во Европската Унија. Визијата на Трајковски ме остава во уверување дека и сега тој не би се двоумел што е најисправно да се направи иако и самиот тој знаел дека луѓето со визија се осудени да бидат подоцна разбрани, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Пред спомен-обележјето, заедно со македонската делегација почит оддадоа и високи претставници од Босна и Херцеговина и од градот Мостар.
Цвеќе на гробот на поранешниот претседател Борис Трајковски денеска на Градските гробишта во Бутел положија неговото семејството и повеќе делегации. Цвеќе положија претседателот Стево Пендаровски, владина делегација во состав вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, делегација на Парламентот предводена од претседателот на Собранието Јован Митрески, делегација од Армијата, делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.
Членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани положија цвеќе и се поклонија пред споменикот „Македонија“ во Струмица, подигнат во негова чест.
На 26 февруари 2004 година во авионска несреќа загинаа поранешниот претседател Борис Трајковски и осумчлената делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија: портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.