Судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, трагедија во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, влегува во фаза во која фокусот се префрла од обвинителната клупа кон логиката на самиот обвинителен акт. На денешното рочиште, одбраната на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џаферовски, остро го оспори обвинението, тврдејќи дека е правно погрешно и дека резултатот бил однапред зададен, а потоа кон него била кроена целата приказна.
Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска пред судот оцени дека обвинението против нејзиниот клиент нема факти кои го поврзуваат со трагичниот настан и дека постапката повеќе наликува на „попис претворен во обвинителен акт“, отколку на сериозна кривична конструкција. Таа предупреди дека вака составениот предмет создава хаос – за обвинетите, за судот и за јавноста – затоа што се темели на погрешна правна рамка, а не на јасна причинско-последична врска.
Клучната теза на одбраната е дека Обвинителството ја промашило „адресата“ на кривичната одговорност. Наместо да утврди кој конкретно згрешил и со кое дејство придонел за трагедијата, обвинението, според Јошевска, се обидува од системски пропусти да изведе индивидуална вина. Наместо доказите да водат кон резултатот, тврди таа, резултатот бил поставен однапред, а потоа се барало како да се состави приказната.
Во средиштето на правната битка се наоѓа и прашањето за самиот објект во кој избувна пожарот. Одбраната потсетува дека правниот објект што изгоре во 2025 година не постоел во времето кога Џаферовски бил директор на ДЗС, од 2017 до 2020 година. Објектот бил реконструиран во 2024 година, што во правна смисла значи нов објект со нови параметри и документи. „Што точно требал да преземе Аднан Џаферовски од 2017 до 2020 година за да спречи пожар во објект кој настанал во 2024 и изгорел во 2025 година?“ – е прашањето кое одбраната го поставува како суштинско.
Јошевска дополнително укажува дека директорот на ДЗС не ги пишува и не ги оценува плановите за заштита, не може да нареди вонредна инспекција без информација и нема законска надлежност да знае за нелегални објекти. Според неа, кривичната одговорност не може да се темели на претпоставка дека некој „требало да знае“, туку на конкретен пропуст кој директно води до конкретна последица. Без таква врска, системските слабости остануваат политичка и институционална тема – но не и основ за осуда на поединци.
Самите обвиненија, пак, се многу пошироки од личниот мандат на Џаферовски. Обвинителството ги гони директорите на ДЗС во периодот од 2012 до 10 март 2025 година, како службени лица кои, иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, наводно се согласиле со нејзиното настапување. Во актот се повикува на членови од Законот за заштита и спасување и од Законот за организација на органите на државната управа, со обвинување дека не бил организиран надзор, не биле донесени одлуки за распоред на инспектори и не биле предвидени контроли на објекти како „Пулс“ во годишните планови.
Во своето лично обраќање, Џаферовски нагласи дека не чувствува вина за трагедијата и дека „совеста му е апсолутно чиста“. Тој се опиша како човек кој бил „кратко време на чело на еден фрагмент од нефункционален систем“ и се обидел со своето знаење да го подобри, уверувајќи дека во голем дел успеал. Пред судот порача дека не бара милост, туку верува во чесноста на правдата и праведноста на судот и дека преку доказите ќе ја докаже својата невиност.
Случајот „Пулс“ одамна престана да биде само прашање за тоа кој потпишал документ, кој не пратил инспектор или кој не затворил опасен локал. Во судницата се судираат две различни визии за одговорност: една, која трагедијата ја гледа како резултат на долгогодишна институционална негрижа и бара симболична „рамка“ на вина преку високите функционери; и друга, која предупредува дека не смеат да се создаваат нови жртви за да се смири јавниот гнев.
Фактот дека обвинети се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, директори и државни службеници – покажува колку широк обем на одговорност се обидува да опфати обвинението. Во позадина стои прашањето дали правдата за 63-те загинати и стотиците повредени ќе биде најдена во индивидуални пресуди, или во болно, но неопходно преиспитување на целиот систем на надзор, инспекции и дозволи.
Судењето продолжува со воведни зборови и на останатите обвинети директори на ДЗС, на поранешни министри и инспектори. Но и пред да бидат изведени сведоците и материјалните докази, станува јасно дека оваа постапка ќе остане тест не само за тоа како функционира кривичното право во случаи со масовни жртви, туку и за тоа дали судот ќе успее да ја одвои правната логика од притисокот на јавноста и политиката.