Од 29 октомври до 5 ноември, Скопје повторно ќе биде центарот на модните случувања во земјава – по 31. пат се одржува Моден викенд Скопје, годинава под слоганот „Одржлива мода и креативна традиција – развој на иновативни практики на македонската модна сцена“. Настанот ќе ја истакне важноста на еко-свеста, повторната употреба и иновативните пристапи во локалниот моден дизајн.

Модниот викенд ќе започне на 29 октомври во 12 часот со едукативни активности и креативни работилници. Во Центарот за поправки „Ништо ново“ (АРНО), дизајнерката Ирина Тошева и тимот на „Ништо ново“ ќе ја водат работилницата „Од стара облека до уникатен моден додаток“, посветена на повторната употреба и вториот живот на материјалите.
Следниот ден, во Македонско село, Изабела Соколовска ќе ги обучува младите креатори на интерактивната работилница „Нишки од природата“, која го поврзува занаетчиството со современата еко-свест.
Главниот викенд (од 31 октомври до 2 ноември) во „Дајмонд оф Скопје“ ќе биде исполнет со панел-дискусии и модни ревии во рамките на европскиот проект „MISSION4WATER“, каде ќе се говори за микропластиката, новите технологии и улогата на модата во зелениот развој. Ќе биде презентиран и проектот „Зелена и одржлива мода – Нордиско-балтичка приказна“, организиран од скандинавските амбасади на Западен Балкан.
Ирина Тошева ќе го претстави проектот „Социјална одржливост и овластување преку дизајн“, реализиран во соработка со женскиот затвор „Идризово“, а во рамки на настанот ќе се одржи и презентација на глобалното движење „Bodyright“ под покровителство на УНФПА, кое се залага за заштита на жените и девојките од насилство во дигиталниот простор.
Ревијата „The Bodyright – Own Your Body Online“, во копродукција на Ангела Бикова, Карол Фаријас и Палома Гарсија Лопез, се реализира со поддршка од Амбасадата на Шпанија и УНФПА.
Модната програма продолжува со ревиите на Мирјана Јосифоска, Марија Пољакова и Мис Мила, како и со студентските ревии на Алејна Мамути, Арбеса Абази, Фикрије Мема, Јета Морина, Мартина Андреевска и Назлишах Таќи.
Најавена е и модна аукција под покровителство на Амбасадата на Франција, на тема „Мода и занаетчиство – колаборации помеѓу дизајнери и занаетчии“, на која ќе учествуваат Никола Булески, Никола Ефтимов, Лидија Георгиева, Изет Цури, Ирина Тошева, Олгица Ѓоргиева, Силвија Михајловска, Катерина Тошева, Снежана Ефковска, Ивана Груевска, Радмила Давидовиќ Настев, Александар Стојанов-Зорин и други.