ОЕЦД: Вештачката интелигенција и фискалната поддршка го одржуваат глобалниот економски раст

Светската економија ќе забележи раст од 3,2 проценти до крајот на годината, малку посилен од првичните очекувања, соопшти Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Според најновите прелиминарни прогнози, главни двигатели на растот се инвестициите во вештачка интелигенција во САД и фискалната поддршка што го ублажува забавувањето на кинеската економија.

Во јуни ОЕЦД предвидуваше раст од 2,9 проценти, а за наредната година се очекува темпото да остане приближно исто.

САД и високите царини

И покрај тоа што ефективната царинска стапка на САД за увезена стока достигна рекордни 19,5 проценти – највисоко ниво од Големата депресија – компаниите досега успеваат да го амортизираат ударот преку пониски маржи и складирање. За американската економија се очекува забавување: раст од 1,8 проценти во 2025 и 1,5 проценти во 2026 година.

Еврозона

За еврозоната, ОЕЦД предвидува раст од 1,2 проценти годинава, малку посилен од јуниските прогнози. Во 2026 година растот би можел да се намали на 1 процент. Најсилна економија во групата од четири водечки земји ќе биде Шпанија, со 2,6 проценти раст оваа година и 2,0 проценти во 2026.

Азија води

Индија останува мотор на глобалниот раст, со очекувани стапки од 6,7 проценти оваа година и 6,2 проценти во 2026. Индонезија и Кина следат со раст од 4,9 проценти во 2025 година, додека во 2026 се очекува Кина да забави на 4,5 проценти, а Индонезија да ја задржи истата динамика.

Русија

Руската економија, според проценките, ќе порасне за 1 процент годинава и 0,7 проценти во 2026.

Зачлени се на нашиот е-билтен