Јужна Кореја објави дека е повеќе од веројатно дека неколку севернокорејски војници биле убиени во Украина. Тие биле испратени да и помогнат на Русија“ рекол министерот за одбрана на Јужна Кореја, пренесоа Њујорк Тајмс и Ројтерс повикувајќи се на јужнокорејски медиуми.
„Сметаме дека е многу веројатно дека имало жртви меѓу севернокорејските офицери и војници во Украина во различни околности“, рекол јужнокорејскиот министер.
Сеул, исто така, очекува Пјонгјанг да испрати повеќе војници на украинскиот фронт за да го поддржи својот руски сојузник.
„Прашањето за распоредување редовни трупи е многу веројатно поради меѓусебните договори (меѓу Москва и Пјонгјанг) кои наликуваат на воен сојуз меѓу Русија и Северна Кореја“, рече Ким Јонг-хјун.
Медиумите во Јужна Кореја известуваат дека Северна Кореја веќе испорачала илјадници контејнери полни со оружје и проектили во Русија.
Украинските медиуми минатиот викенд објавија дека шест севернокорејски офицери биле убиени во четвртокот во украински ракетен напад во близина на Доњецк, во источна Украина окупирана од Русија..